Според последните податоци објавени на сајтот на Централната изборна комисија на Косово, на вонредните парламентарни избори на Косово најмногу гласови има освоено партијата Самоопределување на Албан Курти, партија која е во опозиција. И опозициската Демократски сојуз на Косово на Иса Мустафа, која е на врвот на листата од партиите кои имаат најмногу гласови, вечерва слави победа. Победа прогласи и Демократската партија на Косово на Кадри Вејсели и Хашим Тачи. Алијанса за иднината на Косово на Рамуш Харадинај освои само 12,3 проценти.

Резултатите од 70 проценти од преброените гласови на предвремените парламентарни избори во Косово покажуваат дека во водство е Самоопределување со 26 отсто од гласовите пред ДСК на Иса Мустафа со 25,35 отсто. Следува ДПК, со освоени 21,65 отсто.

Гласачките места беа отворени од 7 до 7 часот во 38 косовски општини. Гласањето се одвиваше во 895 избирачки центри со вкупно 2.547 избирачки места и околу 1,9 милиони избирачи со право на глас. Одѕивот е највисок до сега – над 44 проценти.

На овие избори, според одлуката на Централната изборна комисија, беа користени само важечки косовски документи, додека порано беше можно да се гласа и со српски документи.

На изборите се натпреваруваа 25 политички субјекти, од кои четири се коалиции, 20 политички партии и еден независен кандидат. Овие парламентарни избори се седми по ред од војната на Косово во 1999 година. Четвртите избори од прогласувањето на независноста во 2008 година беа свикани откако Харадинај поднесе оставка, бидејќи беше повикан во Специјалниот суд за воени злосторства во Хаг за да се испита неговата улога во војната во 1998-99 година.


Вучиќ: Историска победа на Српска листа на изборите во Косово

Српскиот претседател, Александар Вучиќ, синоќа изјави дека Српска листа, поддржана од официјален Белград, на вчерашните предвремени избори во Косово, ја остварила најубедливата победа во својата историја, освојувајќи повеќе од 90 проценти од гласовите во сите српски средини. Тој додаде дека Србите во косовскиот парламент ќе имаат сјајна политичка застапеност.

– Србите покажаа голема зрелост и се обединија кога им беше најпотребно, покажаа дека можат да бидат заедно и обединети, да ја разберат својата земја – рече Вучиќ.

Тој истакна дека Србите ќе имаат „сјајна политичка застапеност во косовскиот парламент“ затоа што, како што рече, Српска листа ќе се бори за националните и државните интереси на Србија и за опстанокот на српскиот народ на Косово.

– Српскиот народ несомнено кажа кој сака да ги застапува нивните интереси – рече Вучиќ и им порача на сонародниците во Косово дека секогаш можат да сметаат на својата земја.

Коментирајќи ги прелиминарните резултати од изборите на албанските партии, српскиот претседател рече дека е подготвен да разговара со легитимните албански претставници, без разлика кој и да е тоа.

Според последните податоци објавени на сајтот на Централната изборна комисија на Косово, на вонредните парламентарни избори на Косово најмногу гласови има освоено партијата Самоопределување на Албан Курти, партија која е во опозиција.