Пописот кој власта на сила го турка среде пандемија нема за цел да биде статистичка операција, туку фингиран попис кој ќе биде резултат на политички пазарења на СДСМ и ДУИ, обвинува опозициската ВМРО-ДПМНЕ.
Оттука велат дека во ниту една демократска земја не постои попишување без докази, само со диктирање на матични броеви и два врзани потписи, но тоа ќе го има во Македонија затоа што Зоран Заев има таков договор со ДУИ за бројка на одредени етнички заедници која однапред е договорена.
– Токму затоа и власта ги одби сите амандмани кои имаа за цел да се спречи пописниот фалсификат на власта, а токму затоа и не сакаат попис со отисок од прст, затоа што само така може да се знае реалната статистика која на СДСМ и ДУИ не им влегува во пазарот. Од ваквото силување на пописот, нема да имаат корист ниту државата ниту граѓаните туку само двете партии на власт. Затоа и се уште не ја објавуваат методологијата за пописот бидејќи се зафатени со креирање на лажни бројки и лажна слика за населението во Македонија – велат од ВМРО-ДПМНЕ.
Додаваат дека нормален попис треба да ги даде реалните бројки според кои ќе се крои секоја државна стратегија, но за жал Македонија ги има СДСМ и ДУИ кои не ги интересира државата, туку ги интересираат сопствените бизнис интереси.
ВМРО-ДПМНЕ бара повлекување на овој закон и носење нов со консензус кој „ќе биде од корист на Република Македонија и граѓаните, а не на одредени политички партии, конкретно парламентарното мнозинство“.
Доколку законот за попис биде изгласан на сила, од опозицијата најавија дека ќе собираат потписи од граѓаните за да го поништат овој закон и да биде донесен нов.