Олга Мисик

Би-би-си

Руска тинејџерката која со заштитен елек протестираше пред единицата за брзи интервенции, го читаше рускиот устав пред тешко вооружените полицајци околу неа. Зад нив се случуваа протести на кои се бараа транспарентни избори во Москва, а во кои, меѓу другото, беа повредени неколку лица.

Фотографијата масовно се прошири на Интернет за само неколку минути, а Олга Мисик (17) стана симбол на руското продемократско движење. Некои дури фотографијата ја споредија со онаа на човекот што стои пред тенк на плоштадот „Тјананмен“ во Пекинг во 1989 година.

– Состојбата во Русија во моментов е многу нестабилна. Очигледно властите се многу исплашени ако решиле да ги консолидираат вооружените сили од разни делови на државата за да ги растераат мирните демонстранти. Менталитетот на народот се менува како што можам да забележам – изјави таа за Би-би-си.

Во Москва постојано се протестира за време на викендите против дисквалификацијата на независните кандидати за септемвриските избори во руската Дума. Властите кои се лојални на претседателот Владимир Путин тврдат дека опозициските кандидати не собрале доволно потписи од граѓаните за да се кандидираат за пратеници.

Олга, која се надева дека ќе се запише на државниот универзитет во Москва за да студира новинарство од септември, вели дека протестот не е само за претстојните избори, туку ја нагласува промената на курсот од постсоветскиот устав кој ги ценеше правата на рускиот народ. Олга вели дека таа не поддржува ниедна политичка партија.

– Се борам само за мене и за мојот народ. Мојот став е неутрален кон Алексеј Навални и кон другите опозициски лидери, но давам поддршка за тоа што сакаат да го постигнат – вели таа.

Протести за пензиите

Огла Мисик е родена и живее во предградие на Москва, како средно дете во семејството. Таа обожува да чита, особено автори кои пишуваат за дистописка иднина и авторитарни режими, а омилени ѝ се Џорџ Орвел и Олдос Хаксли. Таа е одлична ученичка со сите највисоки оценки и се интересира за актуелната политика. Но минатата есен таа уште повеќе се заинтригирала за политиката. Тогаш имала 16 години и на социјалните мрежи ги гледала протестите против предлог-законот за менување на старосната граница за пензија од 55 на 60 години за жени и од 60 на 65 години за мажи. Поради ова, таа решила да се вклучи во политичкиот живот.

– Иако сум многу млада и далеку од пензионирање, не сакам неправда. Им се лутам на политичарите, затоа што самиот претседател Владимир Путин вети дека нема да ја зголеми старосната граница за пензија, но го стори спротивното и го потпиша законот лани во октомври – изјави Олга.

Заземање став

На 27 јули, Олга беше меѓу илјадниците граѓани кои присуствуваа на незаконскиот протест во Москва против забраната за опозициски активистички движења пред изборите во Думата. Неколку истакнати опозициски лидери завршија во притвор пред почетокот на митинзите.

Седната на земја со скрстени нозе, со единицата на полицијата за брзи интервенции опремена со штитови, палки и шлемови, зад неа, таа читаше од својата копија од рускиот устав од 1993 година. Од него прочита четири параграфи во кои спаѓаа членовите за право на мирен протест, право на глас, право на слобода на говор и дека волјата и моќта на народот се најважното нешто во државата. Фотографии од нејзиниот протест масовно беа споделувани на социјалните мрежи.

По читањето, Олга си заминала од местото на настанот, но полицијата ја уапсила на пат кон метро-станицата. Таа беше меѓу над 1.000 демонстранти кои беа уапсени поради протестот од 27 јули. Таа четири пати била приведена в полиција во изминатите три месеци. Таа тврди дека секогаш мирно протестира. Иако полицијата добро постапувала со неа, Олга вели дека не ѝ било дозволен преглед од доктор кога се пожалила на влошено здравје. Била пуштена 12 часа подоцна и добила казна од 20.000 рубљи (305 долари) затоа што присуствувала на незаконски протест.

Исклучок

Олга вели дека не е типична млада жена во нејзината држава. Таа вели дека во Русија многу малку млади жени се заинтересирани за политиката, односно само оние кои сакаат да студираат новинарство, па себеси се смета за исклучок од правилото. Олга не се плаши дека нејзината политичка отвореност ќе ѝ наштети, но е загрижена дека бидејќи е малолетничка, сè уште зависи од родителската поддршка.

Социјалните служби ги посетиле нејзините родители за да разговараат за нејзиниот протест. Иако ова ги загрижува нејзините родители, Олга вели дека нема да ја спречи да оди на протести и митинзи.

Во меѓувреме руското обвинителство сака да им го одземе старателството на едни родители затоа што го носеле нивното новороденче на протестот од 27 јули, на кој бебето привремено му го предале на трето лице.

Во овие турбулентни времиња, Олга вели дека нејзината иднина е да го документира и посведочи политичкиот пејзаж на нејзината држава.

Подготвила: Билјана Здравковска