Белата куќа денес призна дека претставниците на администрацијата на Трамп наредиле преписот од неговиот разговор со украинскиот претседател да се премести во посебен систем со доверливи документи.
Во изјава за Си-ен-ен, висок официјален претставник на Белата куќа рече дека наредбата за преместување на преписот дошла од адвокати на Советот за национална безбедност.
– Адвокатите на советот наредија со овој доверлив документ да се постапува соодветно – изјавил тој.
Белата куќа додаде дека преписот веќе бил обележан како „доверлив документ“, па со неговото преместување, како што тврдат, не направиле ништо лошо.
Извештајот на укажувачите објавен во четвртокот покажа дека записникот од тој разговор не бил зачуван во конвенционален компјутерски систем, туку во посебен, наменет за класифицирани информации, пренесе Би-би-си.
Во интервјуто со украинскиот колега Зеленски, Трамп побарал да ги испита Бајден и неговиот син Хантер, кој работел за гасна компанија во Украина.
Извештаите на медиумите за овој разговор ги поттикна демократите во вторникот да започнат официјална истрага за евентуално отповикување на претседателот, обвинувајќи го за барање на странска помош со цел клевета на Бајден, кој беше поранешен потпретседател на САД.
– Има многу муабети за синот на Бајден, дека Бајден го запрел обвинението, а многу луѓе сакаат да знаат повеќе за тоа – му рекол Трамп на Зеленски, според записниците што ги објави Белата куќа неделава.
На прес-конференцијата по состанокот со Трамп на маргините на Генералното собрание на ОН, украинскиот претседател рече дека неговиот американски колега не извршил притисок врз него, односно дека не сака да биде вмешан во демократските избори во САД.