Викендов се одбележуваат 57 години од разорувачкиот земјотрес што го сруши градот. За таа цел „Нова Македонија“, со свои соговорници, на читателите им нуди четиво со сведоштва за другото лице на природата што во далечната 1963 година го проголта главниот град
СВЕДОШТВА ЗА ЕДНО ОД НАЈКАТАСТРОФАЛНИТЕ СЛУЧУВАЊА ВО СКОПЈЕ
Да се доживее таква катастрофа како што беше скопскиот земјотрес во 1963 година значи никогаш да не се заборави, без разлика на која возраст сте го доживеале или какви загуби сте претрпеле. Со овие зборови го започна разговорот Цветанка Илиева, новинарка во пензија, која се присетуваше на секој детаљ од скопскиот земјотрес од кој поминаа 57 години.
Викендов, поточно в недела, главниот град ќе се присети на разорувачкиот трескот што го разурна и остави пустош и прав.
Нашите соговорници, иако е поминат половина век оттогаш, сепак се сеќаваат на секој детаљ од тоа утро кога Скопје било проголтано од земјата, кога низ улиците се слушале само плач и молби за помош.
– Имав четиринаесет години и во моментот на земјотресот, како и повеќето скопјани, спиев. Во собата каде што спиевме со сестрите дотрча мајка ми, која ни рече веднаш да станеме и да излеземе надвор. Излеговме на улицата исплашени, недоволно свесни што се случува како и сите соседи од улицата. Никој во тој миг не претпоставуваше со какви размери беше земјотресот. По неколку минути, мајка ми влезе во куќата да земе облека и тогаш се случи вториот потрес, со малку послаб интензитет, но доволно силен да ги доразурне веќе напукнатите повеќекатници и другите објекти. Пред наши очи по вертикала се преполови зградата кај училиштето „Кочо Рацин“ на Водно.
Вели дека во соседството сите куќи биле приземни, со еден кат, па ниту една не се срушила, но имале пукнатини.
– Кога малку се созедовме, излеговме на Водњанска каде што од сликата што ја видовме уште повеќе се потресовме. Уште една повеќекатница беше срушена. Токму таму загина познатата поетеса Даница Ручигај, која беше позната и за нас помладите. Набргу почнаа да пристигнуваат вести за катастрофи и во другите делови од Скопје, за Железничката станица, недалеку од нас – раскажува Илиева.
Цветанка додава дека првата вечер ја поминале на рид, во близината на училиштето „Кочо Рацин“, но веќе утредента биле сместени на подобра локација.
– Она што и ден-денес воодушевува е фактот што уште наредниот ден бевме сместени во шаторска населба кај „Панорама“. Сите жители на тогашно Водно, таму добивме привремен покрив – се присетува таа.
Тогаш младиот милиционер Здравко Петковски, ноќта од два до осум часот наутро, бил на работа во првата станица на полицијата за позорниот реон „Гоце Делчев“ во центарот на градот. Вели дека по многу нешта таа ноќ била необична, многу тивка и мирна.
– Иако ноќта беше по многу нешта необична, сепак имаше големо раздвижување на животинчиња, глувци, мачки, по улиците на Скопје, а некаде околу три-четири часот утрината се слушна вознемиреноста на животните во Зоолошката градина во Скопје. Движејќи се кон плоштадот, каде што се сретнав со постариот колега од другиот позорен реон, забележав сомнително лице по кое тргнав за да го легитимирам.
Откако увидов дека тој само си купувал леб одејќи на работа, го пуштив да си оди, а јас тргнав кон хотелот „Македонија“, каде што сакав да појдам да се напијам чај. Враќајќи се назад, на прозорецот од поштата се појави службеникот Јоле, кој дежураше во телеграф-телефон. Го прашав дали се наспал, на што тој ми одговори дека токму вечерта не можел око да затвори. Додека муабетевме, околу 5.10, 5.15 часот, почна прво да се стемнува. Од бел ден, почна да се смрачува и веднаш потоа се појави подземен татнеж, многу тежок, многу длабок и потоа сѐ почна да се тресе, како да се кршат само стакло и железо – раскажува тој.
Петковски се сеќава дека во тој момент веднаш ги ставил рацете на главата, бидејќи почнале да паѓаат ѕидови и оџаци од куќите.
– Јоле, службеникот од поштата, рипна преку прозорецот и долу на улицата падна и скрши нога. Веднаш го извлеков кај киното „Младина“ до хотелот „Јадран“, каде што имаше ширина. Само што го извлеков до ширината, почнаа луѓе да бегаат од куќите и да излегуваат надвор. Во тој момент се појави вториот потрес, не толку силен. Но токму тој потрес беше разорувачки. Сите згради што паднаа, вклучувајќи ги и хотелот „Македонија“ и Инженерската зграда, паднаа како резултат на вториот потрес. Во тој момент се крена невидена прашина. Прст пред око не се гледаше, само се слушаа повици и лелекања за помош. Меѓутоа ништо не се гледаше од правта. По извесно време, откако сѐ се смири, почна движење на луѓето. Некои од нив беа полуголи, други во пижами, но сите бараа спас – се присетува Петковски.
Вели дека во тој миг на една голема ширина дошло комбе што носело леб за ресторанот „Исхрана“. Тој, како тогашен милиционер, бидејќи го познавал возачот, му рекол да им го раздаде лебот на луѓето, а со комбето да носи повредени во Градската болница и да се врати назад. Возачот многу помогнал во спасувањето и носењето на повредените во болница. Несебично работел за да им помогне на сите.
Вели дека и покрај барањата за помош, не можеле да пријдат до секого и да помогнат.
– Луѓето што беа сместени во хотелот „Македонија“, од страната на ресторанот „Исхрана“, се гледаа како лежат приклештени со бетонските плочи и очајнички се обидувавме да им помогнеме. Со ножеви распарувавме душеци за да се спуштат за да можеме да ги извлечеме. Во тој период потресите беа зачестени. Сите инстинктивно бегаа назад, а штом потресот престанеше веднаш се враќаа да спасуваат. Меѓутоа со голи раце не можеше многу да се спасува, додека не дојдоа армијата и територијалната одбрана и цивилната заштита, кои со механизација почнаа да расчистуваат. Помеѓу ресторанот „Пелистер“ и стоковната куќа „Нама“ имаше куќи, а меѓу нив имаше една што беше срушена, без скали, а на вториот кат од куќата на подот беа седнати две деца, две жени и двајца мажи. Не можеа да се симнат, немаа како. Морав да најдам скала. Заминав во противпожарната кај Градскиот трговски центар, зедов скала и почнав да им помагам да се симнат. Прво децата, па жените, па мажите. Само што се симнаа сите оттаму, целиот објект се сруши – раскажува Петковски.
Тој се присетува дека третиот ден откако се случил земјотресот, дошол Тито во придружба на рускиот претседател Хрушчов.
– Дојдоа токму пред зградата на хотелот „Македонија“, кој како целосно да беше пропаднат во подрумот. Во нивно присуство спасувачките екипи извлекоа живо дете. Тито пред насобраните луѓе рече: „Ќе го изградиме Скопје уште подобро и ќе биде уште поубаво“ – се сеќава тој.
По земјотресот бил воведен полициски час. Не било дозволено движење низ градот, освен за тие што биле ангажирани за спасување, оние што имале дозвола и полицијата. Работеле деноноќно, без никакви забелешки за работното време, туку само со желба да помогнат.
„Поздравод Загреб“
Мирослав Жагар од Хрватска, кој сега има 83 години, до нашата редакција испрати писмо со кое сакаше да ги искаже својата љубов и убави сеќавања за Скопје. Тој во животот преживеал два големи земјотреси, едниот оној неодамнешниот во Хрватска, а другиот е катастрофалниот во Скопје. Тој за време на земјотресот служел војска во поранешната ЈНА во Скопје.
– На 22 март мојот град Загреб беше погоден од разорен земјотрес, кој однесе еден млад човечки живот. Сега се одбележуваат 57 години од земјотресот во Скопје, кој предизвика голем број жртви и големи штети. Земјотресот во Загреб ги разбуди сеќавањата во мене на тој земјотрес во Скопје, кој ја одбележи мојата младост, а вториот, мојата старост. За Скопје ме поврзуваат само убави спомени, љубезност, топлина и гостопримство на неговите жители. Ви упатувам искрени и добри желби и срдечни поздрави од Загреб – пишува во писмото Жагар.
Градот традиционално ќе ја одбележи годишнината
Во рамките на одбележувањето на годишнината од земјотресот, Град Скопје и јавните културни установи традиционално ќе организираат поголем број настани.
Оваа година, поради специфичната состојба со пандемијата на ковид-19, сите активности ќе се организираат во согласност со строгите протоколи за вакви настани на Владата и на Министерството за здравство.
– Како централни настани можеме да ги издвоиме изложбата на отворено пред споменикот на Гоце Делчев во Градскиот парк, која ќе се одржи денес (сабота) во 20 часот и ќе биде во организација на Музејот на Град Скопје и положувањето цвеќиња на Споменикот на жртвите од земјотресот на градските гробишта во Бутел во десет часот утре, односно в недела. В недела вечер во паркот пред МКЦ ќе бидат организирани поголем број мултимедијални настани под насловот „МКЦ за Скопје“ – информираат градските власти.
Земјотресот „автор“ на интересни приказни и пријателства
„Тоа утро ме разбуди силен татнеж. Бев опколен со пепел од срушениот ѕид на собата во која спиев. Не знаев што се случува“, раскажува професорот Цветан Гавровски.
Со семејството живееле во куќа на нецели сто метри од Исабеговата џамија.
– Куќата во која живеевме беше двокатна со голем двор опкружена со висок ѕид. Тоа беше беговска куќа национализирана по војната. Во неа живеевме пет семејства. На југоисточната страна на покривот имаше украс, голем орел со раширени крилја. Кога излегов на улицата минав преку срушениот ѕид и паднатиот орел. Имав седумнаесет години… Близу куќата од северната страна имаше детска градинка со двор. Уште попладнето донесоа шатори и ние од блиската околина се најдовме во дворот на градинката. Активисти на Црвениот крст дојдоа со камион и почнаа да делат леб, вода и конзерви… – се сеќава тој.
Вели дека подоцна во близината на џамијата и чинарот доаѓал млад човек што цртал мотиви од опкружувањето.
– Тоа беше доброволец од групата млади од Германија дојдени организирано од хуманитарната организација „Акција во знак за помирување“. Оваа група млади, претежно студенти, работеа на обновувањето на Скопје и на изградбата на монтажни куќи во населбата Ѓорче Петров. Минаа многу години по земјотресот. По игра на случајот имав изложба на фотографии во Берлин, Германија. Изложбата не наиде на некој посебен одзив. Но на изненадување, подоцна на адресата на Електротехничкиот факултет, каде што бев професор, добив писмо од д-р Евелин Краузе, која ми пишуваше нешто за изложбата, при што ми го спомена фотографскиот уметник Јирген Пиплоу, кој како студент веднаш по земјотресот со поголема група млади од Германија доаѓа и останува во Македонија неколку години. Јирген беше уметникот со блокот кого го сретнав во моето маало веднаш по земјотресот.
Од д-р Краузе разбрав дека за време на престојот, покрај работата во градежната група од Германија, Јирген направил многу цртежи и неколку стотини црно-бели записи на негативи. Со Јирген разменивме повеќе писма. Тој одлучи своите записи и спомени за Скопје да му ги донира на Музејот на Град Скопје. Јирген е познат германски фотограф, графичар, илустратор. Роден е 1932 година во Росток, а живее во Ведел, Германија. По четириесет и пет години, Музејот на Град Скопје на годишнината од земјотресот приреди негова изложба. Гостин на градот беше Јирген со сопругата. Прошетката по местата на неговите спомени видно го возбуди – вели професорот Гавровски.