Њујорк тајмс
Во Судан, десетици илјади демонстранти бараат од власта да се отстрани нивниот долгогодишен лидер. Во Алжир, минатата недела, милиони демонстранти го симнаа од власта нивниот осумдесетгодишен лидер. Во Либија, стариот генерал се бори да се наметне како нов моќник, ветувајќи дека ќе му стави крај на хаосот кој започна кога Либијците го соборија од власта нивниот диктатор пред осум години.
Одамна се влошија надежите што се јавија како резултат на востанијата од арапската пролет од 2011 година. Но ширум Северна Африка, последиците повторно се актуализираат во регионот и силно влијаат врз автократските влади, истовремено отворајќи нови прашања за иднината.
Ветераните од арапската пролет велат дека сегашните случувања се како едно навраќање на настаните од заедничката приказна. Народната маса која сега бара од власта да се отстрани суданскиот претседател Омар Хасан ал Башир многу потсетува на насобраната толпа на плоштадот „Тарир“ во Каиро, или на онаа пред туниското Министерство за внатрешни работи, пред осум години.
Неуспесите и разочарувањата, исто така, многу потсетуваат на оние од минатото. Алжирските генерали можеби му ставија крај на 20-годишното владеење на претседателот Абдел Азиз Бутефлика само за да се смири народот, но Алжирците сега се соочуваат со тешкотиите да му се спротивстават на вкоренетиот систем на кронизмот и на корупцијата што постоеше зад него.
Обидот на генералот да му стави крај на хаосот во Либија со воведување на нова автократија потсетува на исходите од востанијата во Египет, Бахреин, Сирија и во Јемен. Ислам Лотфи, лидерот на египетското востание од 2011 година, кој сега живее во егзил во Лондон, покајнички вели дека „историјата се повторува и дека ова е веќе видено за нив“.
Mладите во Алжир и во Судан очигледно ја научија тешката лекција дека ненасилните протести во доволно голем број можат да го соборат дури и најмоќниот диктатор.
– Ова е лекција од историјата од 2011 година и од сите револуции досега – изјави во телефонско интервју Амџед Фарид, суданскиот активист и интелектуалец.
Обновените немири во Северна Африка, исто така, ја нагласуваат идејата дека суштинските проблеми кои ги поттикнаа претходните бунтови продолжија да се продлабочуваат, вклучувајќи сè поголем број на незадоволни млади, затворени и корумпирани економии кои не можат да ги прифатат барателите на работа, како и авторитарните влади кои немаат слух за барањата на народот.
Активистите во Судан и во Алжир, како и приврзаниците на двете страни од борбите во Либија, велат дека тие се борат за да ја избегнат судбината на арапските држави кои се кренаа на востание во 2011 година. Сите овие држави, освен Тунис, западнаа во голем хаос или станаа авторитарни.
Сега организаторите во Судан и во Алжир велат дека воените лидери во двете држави веќе ги усвојуваат тактиките на нивните колеги од Египет. Во Судан, безбедносните сили убија десетици демонстранти, а можеби и повеќе, откако почнаа уличните протести во декември минатата година. Како одговор на тоа, суданските доктори почнаа да ги бојкотираат воените болници, во знак на револт на армиската поддршка за Башир и на бруталните тактики што тој ги користеше за да ги растера демонстрантите, порача активистот Фарид, кој исто така е член на извршниот комитет на сојузот на докторите.
Но, со оглед на тоа што само во изминатите неколку дена се случија најмасовните собири во неколкумесечните протести пред претседателската палата, војниците почнаа да ги штитат нив од нападите на полицијата, или на милицијата, кои се лојални на Башир.
Фарид смета дека сега сојузот на докторите повеќе нема да ги бојкотира воените болници. Тој наведе дека тактиката на војската го потсетила на лошото искуство од Египет, каде што генералите кои го симнаа од власта претседателот Хосни Мубарак, иако меѓу народот важеа за чувари на револуцијата, сепак на крајот ги променија ставовите и ја задушија. Антивладините демонстранти минатата недела протестираа во главниот град на Алжир, откако претседателот Бутефлика беше насилно отстранет од функцијата. Во Египет во 2011 година, исламистите отворено беа загрижени како да го избегнат она што тие го нарекуваа „алжирско сценарио“.
Пред дваесет години алжирските генерали ги откажаа парламентарните избори за да ги спречат исламистите да победат. Во следните 10 години алжирската војска и исламистите се бореа во граѓанската војна во која загинаа над 100.000 лица.
И покрај напорите на Египќаните да ја научат таа лекција, нивното востание одеше по слична патека. Исламистите ја добија власта во Парламентот и претседателската функција на првите слободни избори во Египет. Но, генералите го распуштија Парламентот и го соборија избраниот претседател, а шест години подоцна војската сè уште се бори да ги порази милитантните исламистички борци.
Сега Алжирците отворено зборуваат за избегнување на египетското сценарио. Шефот на генералштабот на алжирската војска, минатата недела соопшти дека Бутефлика е отстранет од функцијата со истата помпа со која еден египетски офицер го најави соборувањето од власта на Мубарак во 2011 година. Поздравувајќи го народот, тој вети дека ќе ги поддржи неговите „законски барања“.
Но привремената влада формирана токму од Бутефлика ја сочинуваат неговите сојузници и следбеници, вклучувајќи го тврдокорниот премиер кој беше обвинет дека ги фалсификувал изборите. Наместо да го слават соборувањето од власта на нивниот автократ, алжирските демонстранти продолжија да бараат поголема „чистка“ во она што тие презриво го нарекуваат „систем“.
Во Либија, генералот кој сега се бори да го освои главниот град Триполи одамна оди по стапките на Абдел Фатах ел Сиси од Египет. Либискиот генерал Халифа Хафтар прво го најави неговиот план за преземање на власта во говорот од 2014 година кој во голема мера наликуваше на оној на ел Сиси кој исто така тогаш беше генерал.
Повикувајќи се на непостоечкиот либиски врховен совет на вооружените сили, кој очигледно е копија на египетскиот, генерал Хафтар вети преодна „стратегија“, исто како генералот ел Сиси.
Противниците на генералот Хафтар го сметаат за тиранин, под контрола на ел Сиси, и велат дека сака да биде моќник како поранешниот диктатор, полковникот Муамер Гадафи.
Немирите во соседните држави, се чини дека ги подгреаја стравовите околу ел Сиси. Иако египетските медиуми ја поздравија офанзивата на генералот Хафтар, сепак, во голема мера ги игнорираа востанијата во Алжир и во Судан кои беа на насловните страници секаде во регионот.
Дел од Египќаните сè уште се гордеат со следењето на примерот за ненасилни востанија кои сега се јавуваат во Алжир и во Судан.
– Се докажа дека постои моќта на народот, исто како и желбата за претседател кој нема да биде доживотно на функцијата. Моделот што го воведовме во 2011 година и натаму останува да важи, покрај огромните напори да се уништи и злоупотреби – вели Халид Давуд, египетски новинар кој учествуваше во арапската пролет и еден период беше претседател на либералната политичка партија.
Подготвила: Билјана Здравковска