Турција нема да прогласи прекин на огнот во северна Сирија и нема да преговара со курдските борци, рече портпаролот на турскиот претседател, Ибрахим Калин по состанокот на владата во Анкара.
Во меѓувреме, Доналд Трамп изјави дека САД се обидуваат да најдат решение со Турција за воена операција во североисточна Сирија.
– Ние сме на одлична позиција. Се надевам дека потпретседателот Мајк Пенс и државниот секретар Мајк Помпео ќе имаат успешни состаноци во Анкара – рече Трамп на заедничката прес-конференција со италијанскиот претседател Серџо Матарела во Вашингтон.
Освен ако не се постигне договор, Трамп повтори дека американските санкции ќе бидат погубни за турската економија. Трамп рече дека ќе издаде извршна наредба со која ќе се зголемат даноците на увозот на челик од Турција за 50 проценти и се заканува со пошироки санкции за офанзивата на земјата во Сирија, додека демократите и републиканците во Конгресот се согласија да воведат санкции за Анкара.
Тој додаде дека ќе воведат санкции и на сегашните и на поранешните официјални претставници на турската влада за нивната вмешаност во операции во северна Сирија. Покрај тоа, прекинати се и преговорите за трговскиот договор вреден 100 милијарди долари.