Дивок Ориги и резервистот Жоржињо Вајналдум беа најзаслужни за неверојатната победа на Ливерпул над Барселона од 4-0 на „Енфилд“, со која англискиот клуб се пласира во финалето на фудбалската Лига на шампионите (ЛШ) втора сезона едноподруго.
„Црвените“ успеаја да ја надоместат негативата од 0-3 од првиот полуфинален дуел одигран во Барселона, и покрај тоа што вечерва настапија без Мохамед Салах и Роберто Фирмино кои се клучни играчи во составот на Јирген Клоп.
Дивок Ориги, кој го замени Салах во почетната постава, ги постигна своите први два гола во престижното натпреварување во кариерата, од исто толку упатени удари кон голот на Барселона (во 7-та и во 79-та минута). Вајналдум, пак, влезе во игра на почетокот на второто полувреме на местото на Енди Робертсон, за да погоди во 54-та и во 56-та минута.
Ливерпул во финалето на ЛШ, на 1 јуни во Мадрид, ќе игра против подобриот од утрешниот полуфинален дуел во кој се среќаваат Ајакс и Тотенхем (прв меч 1-0).