Неколку луѓе загинаа денеска во силниот земјотрес и цунамито што потоа следеше на индонезискиот остров Сулавеси, соопштија властите.
Бранови високи три метра го погодија крајбрежниот град Палу по земјотресот со јачина од 7,7 степени, изјави портпаролот на Националната агенција за катастрофи.
– Првите извештаи говорат за неколку мртви – рече портпаролот, при тоа додавајќи дека добиваат извештаи за многу урнати згради.
Метеоролошката и геофизичка агенција најпрво издаде, а потоа го повлече предупредувањето за цунами, кое потоа сепак дојде.
Аматерските снимки кои ги објавија локалните телевизии покажуваат како водата удира во куќите во близина на брегот.
Силниот земјотрес се случи три часа по послабиот со јачина од 5,9 степени во близина на тоа подрачје.
Првиот потрес ги уништил куќите, усмртил едно лице и повредил уште најмалку десетина.
Властите соопштуваат дека очекуваат бројот на мртви да расте.
Во редица земјотреси во јули и август на туристичкиот остров Ломбок загинаа речиси 500 луѓе.
Индонезија се наоѓа на работ на Пацифичкиот огнен прстен и често ја погодуваат земјотреси.
Големиот земјотрес покрај Суматра во 2004 година предизвика цунами кое ширум Индискиот океан уби 226 илјади луѓе во 13 држави, меѓу нив 120 илјади Индонезијци.