Еден од преживеаните во несреќата на автопатот „Струма“ во Бугарија посведочил дека спасените патници не се седум, туку осум. Ова го соопшти Сијка Милева, портпаролка на Јавниот обвинител на Бугарија на денешниот брифинг со новинарите. Таа нагласи дека тврдењето на преживеаниот може да се должи на „лоша меморија“. Но, фактите покажуваат дека во автобусот биле пронајдени 44 тела, а не како што претходно се мислело – 45.
– Телата секако беа 44. Граничната контрола на пунктот „Капетан Андреево“ eвидентирала 52 патници во автобусот. Единствената опција е еден од патниците на списокот да се качил во друг автобус – објасни заменик-главниот обвинител Борислав Сарафов.
– Во медиумите многу се шпекулира за инцидентот на автопатот „Струма“. Во случајот нема очевидци, а во медиумите веќе има над 20 – додаде Сарафов.
Тој посочи дека двајца од патниците биле сослушани и дале крајно објективни информации.
– Двајца од патниците во автобусот беа сослушани. Тие беа будни и даваа крајно објективни информации. Нивните сведоштва целосно се преклопуваат и ги прифаќаме како целосно веродостојни и правилно презентирани. На распит се уште двајца патници кои се во Пирогов. Тие денеска можат да сведочат – наведе Сарафов.
Оперативната верзија дека автобусот превезувал шверцувано гориво во цевки е категорично отфрлена, соопшти обвинителството. Отфрлена е и верзијата за терористички чин.
– Пронајдени се три туби. Трите труби не биле полни и не се запалени. Пожарот не избувнал од нив. Верзијата за терористички акт е професионално разгледана и земени се анализи од автобусот за постоење на терористички акт. Категорично ги отфрламе тие верзии. Не станува збор за терористички акт – изјави Сарафов.
– Назначени се судско-медицински вештачења на сите починати. Аутопсиите се готови. Повеќето од нив починале од задушување, а не од повреди или од експлозија – додаде Сарафов.
Бугарскиот истражител и обвинител утре заминуваат за Скопје.