Саудискиот престолонаследник Мохаменд бин Салман ја прогласи неговата акција за борба против корупцијата за успешна, 15 месеци откако ги собра и задржа најбогатите и најмоќни Саудијци во хотелот „Риц Карлтон“ во Ријад, објавува Блумберг.
Антикорупциската комисија предводена од Бин Салман соопшти дека биле собрани вкупно 107 милијарди долари (во готовина, недвижности и во компании) од вкупно 87 луѓе. Не беа достапни многу детали од акцијата, освен потврдата дека поранешниот прв човек на Националната гарда имал исплата од една милијарда долари.
Саудискиот принц истакна дека собрал 35 милијарди долари од неговите „затвореници“, во изјава за Блумберг дадена пред околу четири месеци. Потврдувањето на податоците на комисијата оди тешко поради нејаснотиите на саудискиот пазар. Тоа се должи на практиката според која компаниите ретко објавуваат финансиски детали од нивното работење, односно за вредноста на недвижностите кои ги поседуваат. Дополнително „замаглување“ носат неевидентираните трансакции и рестрикциите во работењето.
„Заробениците“ бавно излегуваат на слобода. Саудискиот милијардер Мохамед ал Амуди неодамна бил ослободен, откако бил држен на непозната локација под обвиненија за корупција и мито. На слобода бил пуштен и поранешниот министер Амр ал Дабах, како и уште неколку директори на големи компании. Тие се соочуваат со одредени рестрикции и на слобода, вклучувајќи забрани за патување и засилен надзор.
Принцот Алвалид бин Талал ал Сауд „тежел“ 19 милијарди долари пред задржувањето, а 15 милијарди кога бил пуштен на слобода, минатиот месец, по 83 дена во притвор. Мохамед ал Амуди бил олеснет за 1,4 милијарди долари во акцијата за борба против корупција и сега има богатство од 8,7 милијарди долари. Претприемачот Салех Камел загубил 700 милиони долари (сега има три милијарди), а Фаваз Алхохаир 520 милиони долари (сега има 950 милиони), според податоците до кои дошол Блумберг.