Немаше логично објаснување за масакрот во синагогата во Питсбург во кој настрадаа 11 луѓе, но откако медиумите го идентификуваа напаѓачот Роберт Бауерс и стекнаа увид во содржината што ја објавувал на социјалните мрежи, добија приказ за неговиот извитоперен начин на размислување, поттикнат од антисемитистичка теорија на заговор, пишува магазинот „Атлантик“.
Бауерс има сличности со човекот што ги праќаше бомбите по пошта во САД, чии објави на социјалните мрежи беа исполнети со иузии за мрачни сили кои се здружени за угнетување на општеството.
Екстремистите размислуваат на сличен начин, без разлика дали станува збор за осамени напаѓачи или за терористички групи, тие постојано ги прифаќаат завереничките теории. Џихадистите веруваат дека исламот е под закана од Западот, а неонацистите сметаат дека Евреите тајно ги контролираат светските влади, угнетувајќи ја „белата“ раса.
Напаѓачот од Питсбург тврди дека сакал да го спречи „колежот“ на неговите луѓе од страна на мигрантите, за кои верувал дека се донесени во САД од еврејска агенција за бегалци. Дилан Руф, кој уби деветмина во црква во Чарлстон, САД, во 2015 година, изрази слични убедувања. Слични мотиви имаше и Андрес Брејвик кој усмрти 77 луѓе во Норвешка во 2011 година. Нив ги поврзува и уверувањето дека дејствувале во самоодбрана.
– Теоријата на заговор ги убедува екстремистите дека се потполно во право, односно оти тие се цел на мистериозна група која контролира се, и која го оркестрира уривањето на оштеството кое ним им е драго. Тие тогаш го гледаат напаѓањето на групата како оправдан чин. Тоа е опасен чекор кој безмалку секогаш води кон насилство. Напаѓањето се смета за неопходно за сопствениот опстанок – вели Карл Милер, коавторот на анализа за екстремистичките групи.
Неговото истражување открило оти 50 екстремистички групи од Европа и од САД се поттикнати од теории на заговор.