Претседателот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски побара одржување предвремени парламентарни избори заедно со претседателските, на вечерашниот митинг пред Владата, под мотото „Македонија ќе победи.
Тој побара еднаков терен за сите политички партии, претседател на ДИК на предлог на опозицијата, формирање техничка влада на 100 дена пред предвремените парламентарни избори, исто како што беше во 2016-тата кога, како што кажа СДСМ и нејзиниот претседател Зоран Заев ги изгубија изборите.
– Да видиме дали народот се согласува со ова што го прави Зоран Заев и СДСМ, рече Мицкоски.
За спорот за името со Грција, Мицковски нагласи дека ВМРО-ДПМНЕ нема да поддржи промена на Уставот заради промена на уставното име. Обвини дека разговорите за името се воделе тајно и нетранспарентно, а информациите за нивниот тек најчесто доаѓаат од грчките медиуми. Побара промена на политичкото однесување кое, според него, е драстично опаднато и се наметнати лажни стандарди и вредности.
– НАТО и ЕУ се вечен стремеж на нас и нашата генерација, одлична можност за државата и граѓаните, но промените во државата мора да почнат од нас самите. Мора да веруваме во себе и да веруваме во сопствените квалитети, рече Мицкоски.
Лидерот на опозициската партија рече дека на Македонија и треба и реформиран, одговорен и квалитетен СДСМ каде, како што кажа, има многу луѓе кои не се согласуваат со ова што се случува, каде има квалитетни луѓе кои можат да придонесат за доброто на Македонија.
– Но за да дојде и тоа, прво мора да се порази Зоран Заев, рече Мицкоски.
Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ ја критикуваше работата на Владата предводена од премиерот Заев во изминатата година посочувајќи дека очекувањата на граѓаните биле изневерени и дека нивното достоинство било урнато.
– Година пропуштена во нашите животи, година на неработа, создавање на поделби и хаос. Година на политички терор, апсења, упади, тортура. Година на економски неуспеси, на создавање трулеж во општеството, рече Мицкоски.
На Македонија, според лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, и треба економија, а не двојазичност, напредок и просперитет, а не подигнување на вештачки ѕидови и поделби.
– На Албанците исто како и на Македонците, им требаат нови работни места, а не противуставни закони за јазици, рече Мицкоски.
Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ кажа дека партијата работи на новата програма која ќе биде нивен патоказ и која наскоро ќе биде промовирана. Се предвидува намалување на данокот на добивка за фирмите на половина, за оние кои втората половина ќе ја искористат за инвестиција и нови работни места, укинување на зголемената акциза за дизел горивата, реконструкции, изградба на нови болници и масовно вложување во медицинскиот кадар, директна понуда за вработување на најдобрите 500 студенти секоја учебна година…
На митингот видео обраќања имаа премиерот на Унгарија Виктор Орбан и претседателот на ЕПП Жозеф Дол.