Претседателот на Хрватска, Зоран Милановиќ, најави дека ќе се спротивстави на барањата на условите кои ги поставува Бугарија за почеток на преговорите на Македонија во ЕУ.
По состанокот во процесот Брдо-Бриони, Милановиќ оцени дека условите кои се поставени пред Македонија за почеток на преговорите со Унијата се невозможни.
– Станува збор за невозможни услови кои им се поставени за преговори со ЕУ и тие се однесуваат на содржината во учебниците по историја во Северна Македонија. Тоа што во моментов една членка на ЕУ го прави е навлегување во интимен простор. Се бара еден кандидат за време на преговори за членството да ја дефинира својата национална генеза во учебниците по историја онака како што тоа го бара соседната држава. Тоа е влез во интимен простор и не треба да се случува – рече Милановиќ, додавајќи дека отворено ќе се спротивстави.
Според него, претседателските избори во Франција, кои ќе се одржат следната година, ќе влијаат на сите земји во регионот кои се во претпристапни преговори со ЕУ.