Американскиот претседател Доналд Трамп објави дека ќе го назначи Мик Малвејни за вршител на должноста шеф на неговиот кабинет. Малвејни сега е раководител на Канцеларијата за менаџмент и буџет на Белата куќа. Тој е поранешен конгресмен – републиканец од Јужна Каролина.
– Се чини дека Мик Малвејни е последниот кој остана – посочи магазинот „Тајм“ во написот насловен „Мик Малвејни ја доби најтешката работа во Вашингтон“.
Во текот на извршувањето на претходната функција, Малвејни стекнал репутација на раководител што ангажира способен кадар, водејќи ја организираната и ажурна Канцеларија за буџет. Познавачите на состојбите наведуваат дека Малвејни имал и значително влијание врз домашната политика на Трамп.
– Ниеден шеф на кабинетот нема да има доминантна улога во однос на претседателот Трамп, но потребен му е силен шеф кој ќе може да го погледне в очи и да му каже, ова не е добра идеја – смета Њут Гингрич, поранешниот спикер во американскиот Конгрес.
Претседателот на САД нагласи дека со нетрпение очекува да соработува со Малвејни, „кој ќе ја преземе новата функција додека продолжуваме да ја правиме Америка повторно голема“.
– Среќен сум што можам да соопштам дека Мик Малвејни, директор на Белата куќа за буџет, ќе биде назначен за привремен шеф на канцеларијата на Белата куќа за да го замени генералот Џон Кели, кој се истакна служејќи и на нашата земја – напиша Трамп на Твитер.
Тој го нарече Кели „голем патриот“ и притоа му се заблагодари за неговата служба.
Пред да стане шеф на канцеларијата на американскиот претседател, во јули минатата година, пензионираниот генерал Кели беше министер за безбедност.