Претседателот Стево Пендаровски денеска во Рим оствари средба со италијанскиот колега, Серџо Матарела.
На средбата, двајцата претседатели разговарале за билатералните односи меѓу Македонија и Италија, при што нагласиле дека двете држави имаат традиционално пријателски односи, со висок степен на разбирање и доверба.
– Соговорниците разговараа за најновите случувања поврзани со почетокот на пристапните преговори на нашата држава за членство во Европската Унија, при што претседателот Пендаровски изрази задоволство од традиционалниот интерес и континуираната јасна и безрезервна поддршка на Италија во однос на нашите евроинтеграции – информираат од претседателскиот кабинет.
Пендаровски и Матарела констатирале дека интегрирањето на Македонија и на земјите од Западен Балкан во Европската Унија е во интерес на регионалната безбедност и просперитет и порачале дека е неопходно што поскоро одржување на првата меѓувладина конференција меѓу Европската Унија и Македонија.
Претседателот Пендаровски утре ќе има аудиенција кај Поглаварот на Римокатоличката црква, Папата Франциск, а ќе оствари средба и со државниот секретар на Светата Столица, кардиналот Пјетро Паролин.
Потоа, Пендаровски во базиликата „Сан Клементе“ ќе положи цвеќе на гробот на Свети Кирил, а во попладневните часови, заедно со бугарскиот претседател, Румен Радев, ќе ја посетат базиликата „Санта Марија Маџоре“ и заеднички ќе оддадат почит на делото на Светите браќа Кирил и Методиј.