Во почетокот на втората деценија на 20 век, Тодор Александров ја возобновува ВМРО врз македонска основа. Во своето прво окружно од 1920 година, Централниот комитет на ВМРО ги информира пунктовните началници дека „целта на Организацијата си останува, како и досега, извојување на слобода, под форма на автономија или независност на Македонија, во нејзините етнографски и економски граници“.
На 16 декември 1923 година, весникот „Пирин“ објави една декларација на револуционерната организација во која беше установено дека ВМРО не е една шовинистичка организација, нејзините членови немаат омраза против која и да е нација и народите не се нејзини непријатели. Според декларацијата на ВМРО, македонскиот народ ја подржува револуционерната организација, зошто таа е негова организација и зашто си ја поставила за своја цел ослободувањето и обединувањето на Македонија во една политичка целина, во која сите народности ќе се ползуваат со политички и граѓански прав. Внатрешната македонска револуционера организација ја проследува целта за создавање од Македонија една „независна и слободна држава“, која што ќе послужи како гаранција за балканскиот мир.
На 15 мај 1924 година во Виена беше објавен т.н. „Мајски манифест“ во кој ВМРО изјавува дека се бори и ќе се бори со сите средства на револуционерната борба „за ослободувањето и обединувањето на раскинатите делови на Македонија во една наполно независна и самостојна политичка единица, во нејзините природни, географски и етнографски граници“; за демократизирањето на соседните на Македонија и нивното „сојузување во една балканска федерација“ која единствено може да го гарантира политичкото постоење на независна Македонија и независноста на другите балкански народи; да ги задоволи економските и културните интереси на сите балкански народи, сврзани со излегувањето на трите балкански мориња; да ги парализира анексионистичките стремежи на балканските и империјалистичките стремежи на големите европски држави; а исто така да го гарантира правилното разрешување на сите национални спорови, осигурувајќи го културниот развиток на сите етнички малцинства.
Во втората деценија на 20-от век, македонската емиграција пројави силна политичка дејност врз основа на македонштината, следствено беа основани повеќе македонски организации, а меѓу нив беше и пловдивското македонското друштво „Гоце Делчев“, формирано во 1923 година. Според уставот, потврден од Бугарското министерство за внатрешни работи, друштво „Гоце Делчев“ врз основа на девизата „Македонија за Македонците“ има за цел создавање на македонска независна држава во рамките географските и економските граници на Македонија. Новата држава треба да биде под заштита на Друштвото на народите, уставот исто така предвидува култивирање на идејата за Балканска федерација и популаризирање на македонската кауза пред меѓународната јавност. За разлика од ВМРО, друштво „Гоце Делчев“ ги отфрла нелегалните средства и објавува дека нема да учествува во политичкиот живот на бугарската држава. Според правилникот на друштво, негови членови можат да бидат сите „полнолетни Македонци и нивните потомци“. Исто така било забележано дека сите поранешни учители во Македонија, легални и нелегални членови на поранешната револуционерна организација без разлика на нивното место на раѓање, можат да бидат членови на друштвото. Во периодот помеѓу 1924-1932 година, друштвото го издава весникот „Гоцев лист“ и ги изнесува идеите на македонштината. На 6 мај 1924 година, друштво „Гоце Делчев“ во споменатиот весник објави дека ќе војува за „слободна и независна Македонија, за чија идеја умре и нејзиниот најзаслужен син – Гоце Делчев“.
Во 1923 година, Петар Х. Риндов ја објави брошурата „Патот на независноста за Македонија“ во која врз основа на македонскиот сепаратизмот ја образложи, како и многумина пред него, македонската кауза. Риндов забележа дека бугарската држава со својата надворешна политика не се стреми кон ослободување на Македонија, туку мечтае за воена слава и големи граници. Авторот исто така истакнува дека „некои наши македонски народни дејци“ никогаш не побараа одговорност за таа „престапна политика која е штетна за македонскиот народ“ и повикува: „Македонски народе, ти стана најголемата жртва на тие престапници – човечки паразити и крволоци и само ти ќе можеш да застанеш на чело на борбата за нивно соборување, за нивното уништување. Развеј го високо народното знаме за независна федеративна Македонија“. Риндов идната на Македонија ја гледа во создавањето на македонска независна држава во која сите народности имаат еднакви права.