Новото водство на Европската Унија (ЕУ) кое стапува на должност во Брисел знае дека надворешната политика на блокот мора да постигне успех во соседството на Стариот континент, за да биде почитувана, пишува Тони Барбер во колумната за „Фајненшл тајмс“, насловена „Новиот тим на ЕУ мора да ја унапреди надворешната политика“. Надворешната политика треба да биде добро испланирана, обединета, ефикасно спроведена и проследена со план за долгорочна стратегија. Во тој поглед, две неодамнешни епизоди – една во врска со Балканот, а друга со Сирија, безмалку беа дебакл.
Секој инцидент укажува на неможноста на ЕУ да го преточи влијанието што го има како комерцијален и регулаторен блок во цврста моќ на светската сцена. Не станува само збор за отсуство на воена сила, колку и да е тоа важно. Вистински проблем, всушност претставува ситуацијата во која, секогаш кога две или повеќе од најголемите држави на ЕУ се во несогласување, заедничката надворешна европска политика е или парализирана или станува прашање за пронаоѓање на најмалиот заеднички именител од 28-те земји.
Често се превидува дека ваквите несогласувања потекнуваат од домашните политички тензии во одредени држави. На пример, миграцијата, ставовите кон исламот или кон Русија. Таквите тензии им наштетуваат на обидите на владите да најдат заеднички став со нивните партнери од ЕУ.
Кога станува збор за грешките на ЕУ на Балканот, главниот „виновник“ е Франција, а не Германија. Преку блокирање на Северна Македонија и на Албанија од почнување на пристапните преговори со ЕУ, претседателот Емануел Макрон го шокира и поткопа регионот чија стабилност е клучна за стабилноста на европскиот континент. Во случајот на Северна Македонија, потегот на Макрон ја направи ЕУ дволична. Бидејќи ЕУ долго време го ветуваше отворањето на преговорите, ако Македонците постигнат компромис со Грција во спорот за името – услов што беше исполнет со Преспанскиот договор што стапи во сила во февруари.
Сириското и балканското посрамување се симптоми на ЕУ која е несигурна за своето место во светот и страда од неефективната француско-германска соработка. Но, ако ЕУ не може да го расчисти сопствениот праг, тогаш каде може да го стори тоа?