Нови коалициски партнери во Владата ќе бидат БЕСА на Африм Гаши, ДПА и Сојузот на Ромите на Амди Бајрам.
– Имаме постигнато договор со БЕСА на пратеникот Африм Гаши, со ДПА и со Сојузот на Ромите на Амди Бајрам, кој делуваше независно во изминативе месеци – изјави премиерот Зоран Заев по денешното судење за „Поткуп“.
Тој додаде дека дека Бајрам нема да добие министерски места, туку други позиции. Заев рече дека продолжуваат разговарите и со други субјекти, но не сакаше да споменува имиња бидејќи за тоа треба да одлучуваат органите и телата на политичките партии.
– Штом тоа ќе биде готово ќе се соопшти веројатно од самите партии кои ги номинираат кандидатите. Јас разговарав за кандидатите и мене ми е важно за какви личности се работи на што посветувам сериозно внимание, рече Заев.
Во контекст на тоа посочи дека до крајот на неделата ќе ги формализира и ќе ги достави предлозите до Собранието.
– При крајот на мај со новиот владин состав ќе разговараме за подолните ешалони, за директорски, заменички директорски места, подрачни единици и слично во функција на преземање на одговорноста на сите сегашни и нови партиципиенти на власта, истакна Заев.
Одговарајќи на новинарско прашање, Заев рече дека Мендух Тачи нема да биде член на Владата.
– Доверба е релативна работа, јас зборувам за имиња и презимиња кои ќе учествуваат во Владата. Тоа е призмата низ која се обидуваме да разговараме. Можам само да кажам дека Мендух Тачи нема да биде член на Владата – рече Заев.
За потсетување, Бајрам го нарече Заев, Зајко Кокорајко, и извади морков со кој, наводно, „ловџијата Амди Бајрам” ќе го улови лидерот на СДСМ, во текот на кампањата за претседателските избори во 2014 година.