Група војници во Венецуела се свртеа против владата, изразувајќи верност кон опозицијата. Познавачите на состојбата предупредуваат дека јужноамериканската држава наскоро ќе остане без пари за секојдневно функционирање, а дел од странските држави го ословуваат нејзиниот претседател Николас Мадуро како диктатор. Состојбата во државата се влоши до таа мера што опозицијата, измачена од честите прогони и апсења на нејзините лидери, и од неколкуте неуспешни обиди за смена на Мадуро, ја виде својата прилика. Нејзин предводник е малку познатиот Хуан Гуаидо (35), кој вчера се прогласи за в.д. претседател на Венецуела, пишува „Њујорк тајмс“.
Неговото неодамнешно преземање на улогата на лидер на опозицијата, како и на функцијата на спикер во парламентот, го привлече вниманието на домашната, но и на светската јавност, поради отвореното тврдење оти Мадуро не е легитимен лидер, како и поради неговата решителност да преземе контрола врз транзициската влада.
– Врската со државата претставува врска на терор. Кога ова се случува, гласовите и пораките од светот, претставуваат поддршка кон напорите за пружање отпор, за сонот за демократија и за подобра држава – кажа Гуаидо во неодамнешно интервју.
Најризичниот потег на младиот лидер се случи синоќа, кога ги повика жителите на Венецуела да излезат на улиците и да протестираат против власта.
– Тој внесе нов живот во опозицијата, која конечно доби свежо лице што има храброст, нови идеи и лидерски способности, потребни за таа да оживее – истакна американскиот аналитичар Дејвид Смилд.
Мадуро, пак, набргу одговори на апелот на Гуаидо, велејќи дека опозицијата претставува „група мали деца“, додека Марија Ирис Варела Рангел од партијата на Мадуро, упати закана кон опозицискиот лидер преку Твитер, пишувајќи „Гуаидо, веќе ја подготвив твојата затворска ќелија со соодветна униформа и се надевам дека бргу ќе го именуваш твојот кабинет, како би знаел кој ќе ти прави друштво, ти глупаво дете“.
Предизвикот на Гуаидо со кој се соочува Мадуро, доаѓа во време кога неговото претседателство е оспорено. Мадуро положи заклетва на 10 јануари за неговиот втор шестгодишен мандат, по оспоруваните избори од мај минатата година, чии резултати повеќе држави одбиваат да ги признаат.
Познавачите на состојбите сметаат оти Гуаидо претставува последна прилика за оживување на опозицијата.
– Тој е вреден работник. Тој е скромен и може да не обедини. Но ризикот со кој се соочува е огромен, бидејќи и тој би можел да заврши во затвор – вели Лилијан Тинтори, сопругата на најпознатиот политички затвореник во Венецуела, Леополдо Лопез, кој е и ментор на Гуаидо.
Противникот на Мадуро станал политички активен кога бил студентски лидер во Каракас, каде што ги предводел протестите против тогашниот претседател Уго Чавез. По инженерските студии му била понудена работа во приватниот сектор во Мексико, но тој одлучил да остане во Венецуела.
Лидерот на опозицијата накратко беше задржан од припадници на венецуелската разузнавачка служба, на 13 јануари, два дена откако ја објави намерата да го собори од власт Мадуро. Мајката на Гуаидо, Норка дел Вале Маркез, јавно истакна дека е загрижена за својот син, по неговото влегување во политиката во критична точка во венецуелската историја. Медиумите предупредуваат оти можно е да има нови апсења, чии цели ќе бидат опозициските лидери, во обид за спречување на демонстрациите во Венецуела.