Со повикот за блокирање на аеродромот во Барселона, нова, мистериозна организација наречена „Демократско цунами“ ги разгори протестите за независност на шпанската покраина кои досега беа мирни, пишува „Локал Шпанија“.
Лидерите на движењето остануваат непознати, додека ги користат социјалните медиуми и апликациите за шифрирани пораки за да поттикнат илјадници поддржувачи на протест поради затворските казни за деветмина сепаратистичкии лидери.
– По пропаѓањето на сепаратистичките планови во 2017 година со забранетиот референдум, по што следуваше декларација за независност, дел од сепаратистите сфатија дека „револуцијата на насмевки“ (назив за претходното движење за независност за Каталонија – н.з.) не помина добро. „Демократското цунами“ сака да води своевидна герилска војна со еднократни акции – вели политичкиот аналитичар Жоан Ескулиес.
Демонстрантите одговорија на повикот за акција на групата „Демократско цунами“ која стана актуелна во септември и апелираше до народните маси на мирна и граѓанска непослушност со цел да се зачуваат слободите на Каталонија. Демонстрантите бргу се собраа на плоштадите и улиците во целиот регион, со тоа што ги блокираа главните сообраќајници и го запреа сообраќајот пред масовно да се упатат кон следната цел, поточно аеродромот „Ел прат“ во Барселона. Кога тргнаа од центарот на градот, една група на млади почна да скандира: „Ќе ја претвориме Каталонија во Хонгконг!“.
Ова се однесуваше на случувањата на аеродромот во Хонгконг пред речиси два месеци, кога илјадници демонстранти се упатија кон меѓународниот аеродром за да го блокираат. На аеродромот во Барселона во понеделникот се одиграа неверојатно слични сцени кога илјадници го окупираа терминалот и улиците надвор од објектот, за потоа да бидат откажани најмалку 100 летови. „Демократско цунами“ дури и подели 130 бординг-билети преку апликацијата за испраќање пораки „Телеграм“, каде што имаат 150 илјади следбеници, за демонстрантите да можат да влезат на аеродромот, што многу потсети на потегот на демонстрантите од Хонгконг, кои купуваа евтини авионски билети за да можат да влезат на аеродромот и да ја заобиколат судската забрана за протести во објектот.
Движењето ги соединува луѓето од различни општествени слоеви, но не е контролирано од одредена организација или од партија – вели еден од лидерите на „Демократско цунами“.