Дали Пекинг може да ги искористи своите инвестиции за да стане клучен играч во регионот?
Ал џезира
Во октомври 2009 година, малиот град Ловеч во централна Бугарија пречека еден кинески државник за кој малкумина во државата, а камоли во градот, имаа слушнато. Си Џинпинг, тогашниот потпретседател на Кина, беше на европска турнеја и собираше искуство во надворешните работи додека постепено се движеше кон врвот на моќта. Во Ловеч, тој беше сведок на потпишувањето на договорот за заеднички инвестиции меѓу бугарскиот холдинг „Литекс комерц“ и „Грејт вол моторс“, еден од водечките автомобилски производители во Кина. Потоа, политичарот во подем замина за Букурешт.
Фабриката во Ловеч затвори во 2017 година, но жедта за кинеските инвестиции не згасна. Десет години подоцна, балканските лидери се тие кои одат во Пекинг, едвај чекајќи за да остварат средба со Си. Додека САД се вплеткани во трговска војна со Кина, а повеќето западни влади се загрижени за технолошките компании како „Хуавеј“, Југоисточна Европа сака инвестиции во изградба на патишта, мостови, електроцентрали и проекти на Пекинг за отворање на подружници. Во април 2012 година, само една година откако Си стана претседател, Кина ја спроведе иницијативата „16+1“, односно платформата што ги спојува Кина и 11 членки на ЕУ во Источна Европа, како и пет земји-кандидатки за членство од Западен Балкан.
На ваквите форуми на Балканот беше забележан голем интерес. Софија беше домаќин на форумот лани, а оваа година тој се одржа во историскиот град Дубровник во Хрватска. Белград и Букурешт веќе беа домаќини претходно. Во изминатиов период, Грција исто така прави напори да стане дел од групата на пост-комунистички држави, па така таа сега се ребрендираше во „17+1“.
Оваа година, голем број на врвни функционери од Балканот отпатуваа за Пекинг. Во април, српскиот претседател Александар Вучиќ се сретна со Си во главниот кинески град, а еден ден подоцна и грчкиот премиер Алексис Ципрас оствари средба. Во мај, грчкиот претседател Прокопис Павлопулос исто така замина за Пекинг. Во јули, бугарскиот претседател Румен Радев имаше официјална посета на Кина. Секако, интересот за кинеските инвестиции во регионот не остана незабележан. Силна загриженост изразија функционери и будни набљудувачи на Кина во ЕУ, кои предупредуваат за политиките на Пекинг, за проширување на неговата сфера на влијание со помош на стратегијата „раздели, па владеј“.
Во март, европскиот комесар за проширување Јоханес Хан за „Фајненшел тајмс“ изјави дека „можеби ја прецениле Русија, а ја потцениле Кина“ кога станува збор за ширење на нивното влијание на Балканот. Хан е загрижен дека Западен Балкан ризикува да заглави во долгови, со што се согласува и Минхенскиот форум за безбедност. Хан можеби има право. Додека Русија успешно ја игра улогата на словенско братство и сака остро да го критикува Западот, таа, сепак, нема економска моќ за да претставува сериозен предизвик. Кина, чие БДП изнесува над 12 илјади милијарди долари, е сосема поинаков фактор.
Со три отсто целокупен прилив, кинеските инвестиции во регионот, кои во голема мера се засноваат на кредити во корист на кинеските инфраструктурни компании, заостануваат во споредба со оние на ЕУ кои имаат удел од околу две-третини. Сепак, амбициозните проекти како иницијативата „Појас и пат“, која Пекинг го претстави во 2013 година, несомнено ќе доведат до зголемување.
Дел од парите веќе почнаа да се слеваат. Благодарение на отворањето на челичарницата во Смедерево од страна на кинеската компанија ХБИС, кинескиот удел во вкупниот удел на директни странски инвестиции во Србија, од шест се искачи на над 20 отсто.
Кинеската банка „Ексим“ исто така ја финансира модернизацијата на две делници од железничката линија што ги поврзува Белград и Будимпешта. Договорите на кинеската компанија за комуникации и градежништво (КККК) имаат вредност од 1,5 милијарди долари.
Српската влада преговара да купи кинески дронови како дел од договорот кој исто така ќе вклучува технолошки трансфер, со што ќе ѝ овозможи на одбранбената индустрија во државата постепено да почне да произведува сопствени беспилотни летала во иднина. Белград исто така веќе почна да набавува софтвер за препознавање на лица. По неодамнешната посета на неговиот кинески колега, министерот за внатрешни работи на Србија, Небојша Стефановиќ, сакаше да изведе заеднички полициски патроли, па дури и воени вежби.
Во меѓувреме, трговијата тројно се зголеми меѓу 2005 и 2016 година, така што достигна обем од 1,6 милијарди долари. Некои набљудувачи сметаат дека Србија прерасна во „отворена врата за Кина на Балканот“. Останува да видиме колку далеку ќе стигне соработката меѓу Кина и Србија. Она што е сигурно е дека на Александар Вучиќ не му пречи да седи на повеќе од две столчиња, како што еден американски дипломат ја окарактеризира српската политика со Западот и со Русија. Покрај Србија, Кина исто така многу вложува и во други делови од Балканот, особено во инфраструктурата и енергетиката.
Од 2009 година, кинеската компанија „КОСКО“ стопанисува со главното грчко пристаниште Пиреја, прво како управител, а потоа и сопственик. До 2017 година, „КОСКО“ исто така се обидуваше да го купи солунското пристаниште.
Во Хрватска, која е членка на ЕУ од 2013 година, еден кинески конзорциум гради мост долг 2,4 километри што ќе ги поврзува полуостровот Пељешац и селото Комарна кои се наоѓаат на јадранскиот брег. Проектот привлече големо внимание, прво затоа што го сече заливот кај Неум во Босна и Херцеговина, а со тоа го спречува пристапот до отворено море, второ, затоа што мостот во голема мера е финансиран од ЕУ. Една подружница на КККК, поточно едно кинеско претпријатие користи грант од 396 милиони долари од Брисел.
Кина исто така е вклучена проекти за изградба на патишта во Црна Гора и во Македонија. Во Тузла, Босна и Херцеговина, Кина почна да гради термоцентрала поддржана со заем од 777 милиони долари од банката „Ексим“. Ова се случи откако во март политичките фракции во Федерацијата, една од двата ентитети на државата, покажа ретко видено единство во парламентот со тоа што даде зелено светло за проектот. Ова се случи откако три кинески компании вклучени во проектот се заканија дека ќе се повлечат. Поради ова случување, парите на Пекинг ги дисциплинираа босанските политичари, наместо западните набљудувачи на стабилноста во балканската држава.
Бугарија исто така се надева дека ќе привлече кинески инвестиции во енергетскиот сектор. Владата инсистира дека Кинеската национална нуклеарна корпорација е заинтересирана за нуклеарната централа „Белене“.
Дали Кина ќе може и ќе сака да го искористи зголемениот интерес за инвестиции на Балканот за да го прошири своето политичко влијание? Можеби да, но на среден до краток рок, мали се шансите за Кина да има влијание врз регионалната безбедност. Таа ќе остане да важи за геоекономска сила на Балканот.
Како што истакна Анастас Вангели, македонскиот експерт по кинеска надворешна политика, локалните држави имаат интерес Кина и ЕУ да соработуваат, наместо да се натпреваруваат. Сепак, златното правило во политиката е дека перцепцијата е реалноста. Тензиите меѓу Западот и Пекинг несомнено и натаму ќе се чувствуваат на периферијата на Европа.
Подготвила: Билјана Здравковска