Со 524 гласови од жирито и од публиката, италијанската група „Манескин“, која ја пееше песната „Zitti e buoni“ (Тивко и добро), одлична рок нумера, е победник на годинашното 65. издание на „Евровизија“, што се одржа во салата „Ахој“ во Ротердам, Холандија.
„Манескин“ се победници на фестивалот „Сан Ремо“, што им беше виза за настапот на престижниот музички фестивал, што вечерва го следеа милиони гледачи во целиот свет. Примајќи ја наградата, кристален микрофон со логот на „Евровизија“, членовите на групата рекоа: „Рокенролот никогаш нема да умре“.
Уште на почетокот тие беа меѓу фаворитите, а и вечерва цело време беа на врвот на табелата.
Второто место го освои Франција, чија преставничка Барбара Прави освои 499 поени. Таа ја отпеа мошне сугестивно баладата „Voila“, а третопласиран е преставникот на Швајцарија, Џон Тирс (Gjon’s Tears) кој ја исполни баладата „Tout l’Univers“ и го освои првото место по гласовите на жирито, а вкупно освои 432 поени.
Британскиот преставник не доби ниту еден глас.
Српските претставнички, трите атрактивни девојки од групата „Хурикејн“ со песната „Локо, локо“, иако важеа за фаворитки и миленички на публиката не постигнаа поголем успех. Од македонското жири добија 12 поени, а вкупно освоија 102 бода и се пласираа во долниот дел на табелата.
Меѓу учесниците што имаа одлични настапи вечерва беа и преставниците на: Малта, Русија, Португалија, Албанија, Грција.
Холандија се покажа како одличен домаќин и подготви навистина вечер за паметење, во која освен натпреварувачкиот, видовме и ревијален дел, со кој се одбележа 65- годишнината на „Евровија“, со настап на некои од победниците на фестивалот, меѓу кои беше и Холанѓанецот Данкан Лоренс, кој победи на „Евровизија 2019“ во Тел Авив, Израел.
М.Т.