„Цезаризам“ се нарекува начинот на владеење кој, наспроти целокупното државно-правно формулирање, по својата внатрешна содржина, сепак, е целосно безличен. И затоа сите институции, сеедно колку грижливо се одржувани, стануваат бесмислени и без вистинска важност. Значење има само личната власт која ја врши цезарот или, наместо него, некој кој е способен, според Освалд Шпенглер
Книгата „Залезот на Западот“ од Освалд Шпенглер во периодот помеѓу двете светски војни била една од најпопуларните интелектуални творби во Европа и во Америка, а во следните неколку децении извршила влијание врз теориите на Арнолд Тојнби и Семјуел Хантингтон. Искажувањата на овој германски филозоф и историчар повторно добија на важност со Големата рецесија од 2007 година, кога песимизмот започна да преовладува на Западот, но и во изминатите неколку години по изборот на Доналд Трамп за американски претседател.
Офри Илани во својата статија објавена во израелскиот весник „Хаарец“ забележува дека десничарските поддржувачи на Доналд Трамп го сметаат за „американски цезар“ за кој и копнееја. За неговиот претседателски избор велат дека е остварување на искажувањата на Шпенглер, кој пред еден век предвидуваше дека на почетокот на 21-от век, западната демократија ќе се трансформира во „цезаризам“. Оваа форма на владеење треба да се разбере како режим во кој управува силен и харизматичен владетел. За да се појави „цезаризмот“, потребно е сите групи со политичка моќ во општеството да бидат вклучени во меѓусебни борби, така што само водачот може да ги исполни интересите на сите. Сите останати институции ја губат својата содржина и водачот ја концентрира сета моќ во своите раце.
Илани исто така истакнува дека, меѓу американските десничари има и такви кои тврдат дека „цезаризмот“ веројатно е најточен опис за суштината на доминантниот модел на владеење на ерата на Трамп. Според приврзаниците на оваа теза, демократијата во САД започна да опаѓа во текот на поранешните претседатели Џорџ В. Буш и Барак Обама, кои не можејќи да постигнат договор со Конгресот, прибегнаа кон претседателски одредби за да управуваат.
– Но, Трамп уште пред да ја положи претседателската заклетва покажуваше знаци
на радикален „цезаризам“, а неговиот директен апел до масите преку Твитер е само прелиминарен израз на тоа – пишува Илани.
Една од главните тези во „Залезот на Западот“ е дека сите големи култури се „живи“ нешта, органски по природа и минуваат низ неколку фази – раѓање, развој, исполнување, распаѓање и смрт. Сите претходни големи култури минале низ овие фази и следствено западната култура не може да биде исклучок. Шпенглер верувал дека преку споредбата на западната култура со другите светски и историски култури, може да се направи предвидување за судбината на Западот. Шпенглер тврдел дела процесот на пропаѓање на една цивилизација носи со себе империјализам и стремеж кон „цезаризмот“. Според него, западната култура е осудена на пропаст, а нејзиниот крај ќе дојде со владеењето на „нов Цезар“. Западната цивилизација во 21-от век ја споредувал со Римската империја од првиот век пред нашата ера, кога нефункционалната плутократска демократија била заменета со авторитарен „цезаризам“.
Сведоци сме на „фаустовата цивилизација“
Кон крајот на 1911 година германскиот мислител Освалд Шпенглер се воодушевил од
идејата дека историјата може да се толкува преку „глобални“ и „тотално културолошки“ термини. Тој ја отфрлил идејата за единствена историја на човештвото и се вратил кон цикличното толкување. Според него, историјата се состои од одделни култури кои се потчинуваат на определени еднообразни закони на растежи и распад. Првата светска војна ја оценил како самоубиство на Европа, односно како прв чекор кон конечно пропаѓање на западната култура во светот и историјата. Шпенглер тврдеше дела западната култура завршува и ние сме сведоци на последната културна фаза – „фаустовата цивилизација“, кога западниот човек е горд, но трагична личност,
затоа што додека се стреми и создава, потајно осознава дека вистинската цел никогаш не може да се постигне.
Шпенглер го предвидел падот на демократијата
Во 1918 година, Шпенглер ги објавил своите предвидувања тврдејќи дека главна карактеристика на 20-от век ќе бидат големите воени конфликти, дека во 21-от век ќе дојде до подем на светските градови кои ќе имаат население помеѓу 10 и 20 милиони. Тој го предвидел и опаѓањето на демократијата во корист на плутократијата, незаинтересираноста на граѓаните да гласаат на изборите, опаѓањето на наталитетот, оти политичките партии ќе го изгубат интересот за реалните политики и во нив ќе доминираат поединци кои ќе се стремат кон стекнување на моќ за себе си, појава на нова голема култура во Русија.