Македонија и Бугарија имаат искрено пријателство и соработка. Ова го порачува премиерот Зоран Заев на својот фејсбук-профил.
– Гледам во пријателска Бугарија се отвори јавна дебата и се постави дури и прашањето за тоа дали двете земји и двата народа градиме искрено пријателство и соработка. Сакам да им порачам на сите граѓани, дури и на критичарите во Македонија и во Бугарија, да немаат дилема дека пријателството и соработката се искрени – наведува Заев.
Тој додава дека повеќе од една година чествуваме заеднички делови од историјата меѓу двата народа и оти неколку пати заедно одбележуваме историски настани.
– Јас сум првиот премиер на Македонија што во Бугарија се поклони пред споменикот на Гоце Делчев при заедничкото одбележување на празникот. Претходно мојот пријател, господинот Борисов, беше прв бугарски премиер кој се поклони пред гробот на Гоце Делечв во Македонија при заедничкото одбележување на празникот. Заедно двајцата претседатели на влади се поклонивме и пред споменикот на Цар Самоил во Софија. Заедно во Рим, во Ватикан оваа година ги славевме Светите браќа Кирил и Методиј, заедничките сесловенски просветители. Премиерот Борисов дојде во Скопје специјално да се поклони пред споменикот на Холокаустот на Евреите – појаснува премиерот.
Во пораката уверува дека се гради искрено пријателство кое, како што вели, неколку децении наназад беше изгубено и оти тоа беше загуба за двете земји.
– Ние повторно го најдовме нашиот пријател и брат. Да не дозволиме да се враќаме назад. Тоа ни е обврска пред нашите деца. Некогаш можеби не сме доволно внимателни ние политичарите, некогаш правиме и грешки, но ве уверувам дека тоа е само невнимание, затоа што искрено сакаме соработка и пријателство како што тоа го потпишавме во Договорот за добрососедство и пријателство. Зарем можеме да заборавиме како премиерот Борисов и министерката Захариева се бореа за Македонија во Министерскиот совет на ЕУ и во Советот на Европа, за Македонија да добие датум за почеток на преговори со ЕУ? Се бореа како што се борат за својата земја. Зарем можеме да се правиме слепи и глуви кога гледаме и слушаме се што Бугарија направи и успее во тоа да и помогне на Македонија за добивање на поканата за членство во НАТО? Зарем цела Европа не виде како Бугарија помага за Македонија и Западниот Балкан да се приближат кон ЕУ? Никогаш нема да го заборавиме тоа пријателство кое е докажано на дело. Ние сме благодарни и многу го почитуваме тоа, вели Заев и доава дека затоа заедно ќе го славиме и чествуваме нашето минато и на темелите на тоа минато ќе продолжиме да ја градиме нашата заедничка иднина.
Заедно, порачува, ќе бидеме како едно семејство во заедништво со сојузниците од Европската унија и НАТО.