По средбата кај претседателот, премиерот и претседател на СДСМ Зоран Заев информираше дека одржале и коалиционен состанок, на кој присуствувале сите коалициони партнери, освен оние од албанскиот блок кои што веќе беа присутни кај претседателот на државата.
– Сакаме да афирмираме неколку вредности. Оваа коалиција останува стопроцентно посветена на нашиот евроатлански пат. Демотивацијата која што ЕУ, која што преку една земја-членка успеа да ја вгради овде во нашите души, нема да нѐ обесхрабри да го продолжиме тој пат. Ние веруваме во европските вредности, веруваме дека нашиот народ од сите етнички заедници заслужува да биде европски народ, кој што ќе ги живее истите европски вредности кои што ги живеат граѓаните на модерните, западно-европски земји, каде што владее правото, каде што се севкупните слободи пример за сите граѓани, каде што имаме модерно образование, добро здравство, позитивна култура, како одраз на нашиот мултиетнички состав на државата.
Веруваме дека во овој правец толку силно ќе го блеснеме нашето заедничко македонско сонце кое што дефинитивно ќе побуди дополнителна дебата, позитивна во ЕУ која што конечно треба да ја донесе одлуката за почеток на преговорите. Со таа трансформација низ преговарачкиот процес навистина да станеме европска земја“, изјави Заев.
Тој додаде дека сите даваат поддршка на определениот датум за избори.
– Ги договоривме чекорите на воспоставување на постулатите на коалицијата, нови изборни ветувања за граѓаните. Програмата ќе биде создадена во целиот овој период, но исто така, реализацијата на она што досега не е дореализирано има поголем период да биде изреализирано во следните, безмалку шест месеци кои што претстојат до изборите.
Вака фокусирани, продолжуваме сите заедно да им служиме на граѓаните. Ние сме лидерите на граѓаните кои што ја димензионираат иднината на нашата Република Северна Македонија на вистинскиот пат, на правиот пат, на патот на кој што нѐ препозна Европската Унија, САД и целиот демократски свет со кој што имаме стратешко партнерство. Патот кој што докажавме дека е возможен, конечно да се пронајде во овие 28 години независност на нашата земја и веруваме дека сите граѓани ќе останат цврсто на таа определба, давајќи поддршка на еден нов, чист мандат во кој што ќе ги продолжиме ваквите политики – додаде тој.