Претседателот на СДСМ Зоран Заев заедно со генералниот секретар Љупчо Николовски и претседателот на Комисијата за надворешни работи на СДСМ, Едмонд Адеми се сретна со Андреас Шидер, член на Европскиот парламент и копретседавач на Заедничкиот парламентарен комитет на Македонија и ЕУ.
На средбата, претседателот Заев се осврна на актуелната состојба во процесот на интеграција на Република Македонија во ЕУ.
– Со внимание ги следиме пораките од официјалните претставници на ЕУ, пред три ден имавме позитивна средба со еврокомесарот за соседска политика и проширување Оливер Вархеји кои упати позитивни пораки околу процесот на проширување на ЕУ. И покрај историската грешка на ЕУ, не губиме надеж. Веруваме дека во наредниот период преку отпочнување на преговорите, ќе се оствари клучниот чекор кон реализација на нашата стратешка цел – членство во ЕУ.Започнувањето на преговори со ЕУ освен што ќе значи исправање на историската грешка, ќе биде и дополнителен мотив, уште позасилено да продолжиме со реформите – истакна Заев.
Осврнувајќи се на процесот на изборите и функционирањето на предоната влада, претседателот Заев посочи дека институциите и преодната Влада се подготвени да спроведат чисти, фер и демократски избори, а СДСМ е подготвен за избори.
– Преодната Владата согласно пржинскиот модел функционира добро и е ставена во функција на организирање на фер и слободни избори. СДСМ е подготвена за избори. Течат финалните подготовки за Програмата, се креираат решенија во интерес на граѓаните. На овие избори СДСМ ќе покаже дека суштински е за целосна родова рамноправност, на парламентарните избори ќе сведочиме на 50 отсто застапеност на жените на листите за пратеници – заклучи претседателот Заев.
Од страна на европратеникот Шидер беше поздравен напредокот што земјава го направи во последните две и пол години и одново беше реафирмирана поддршката што Европскиот парламент, а особено групата на Социјалисти и демократи ја даваат на Република Македонија во процесот на евроинтеграција.