Американскиот претседател Доналд Трамп постојано инсистира дека нафтата на Средниот Исток е „обезбедена“, дури сугерирајќи оти САД сега се одговорни за судбината на нафтата, додека неговата администрација ги повлече трупите од северна Сирија, пишува магазинот „Тајм“.
– Ја обезбедивме нафтата, и затоа, малубројни американски трупи ќе останат во областа каде што има нафта. И ќе ја штитиме, и ќе одлучиме што ќе сториме со неа во иднина – кажа Трамп на неодамнешна прес-конференција.
Во дополнителното компликување на збунувачката промена на политиката на Вашингтон во Сирија, американскиот секретар за одбрана Марк Еспер објави оти неименуван број на американски војници и опрема ќе бидат испратени за да ги бранат нафтените полиња во источна Сирија кои се под контрола на курдските сили.
Сирија произведуваше 385 илјади барели нафта дневно, пред почетокот на граѓанската војна во 2011 година, според Џеф Колган, професорот по политички наука на универзитетот „Браун“. А најголемиот дел од нафтата доаѓаше од североисточниот дел на државата. Во текот на борбите Исламска држава (ИД) презеде контрола врз нафтените полиња, а целејќи ги токму полињата им помогна на САД и на сојузниците да ја вратат територијата што ја зазема ИД. При крајот на борбите, ИД уништи голем дел од инфраструктурата за производство на нафта, но курдските сили потоа поправија дел од штетата.
Познавачите на состојбите наведуваат дека оставањето на дел од трупите за да ја чуваат нафтата, наспроти повлекувањето од северот на Сирија, претставува обид за постигнување на целите на Трамп, притоа избегнувајќи го враќањето на ИД.
– Претседателот е одлучен, или барем создава таква претстава, да ги повлече трупите од Средниот Исток. Но тоа го изложува на критики дека на тој начин го отвора патот за враќање на ИД. А нафтените полиња се клучни за таквата можност, која тој е решен да ја спречи – објаснува Коган.
Нафтените полиња би можеле да бидат цел и на сириските владини сили на претседателот Башар ал-Асад.
– Администрацијата на Трамп не сака режимот на Асад да има корист од повлекувањето и да го ослаби економскиот притисок со кој се соочува, преку враќање на контролата врз нафтените полиња – истакна Ибрахим ал-Асил, од Институтот за Среден Исток.
Бројните изјави на Трамп за сириската нафта се дел од неговиот голем план за насочување кон резервите на нафта на Средниот Исток. Тој исто така истакнуваше со разочарување дека Вашингтон не ја „земал“ нафтата на Ирак во текот на тамошната војна.
– Уште не можам да поверувам дека го напуштивме Ирак без нафтата – напиша Трамп на Твитер во 2013 година.
Американските власти веројатно вршат притисок врз Трамп да задржи дел од трупите во Сирија, за да има рамнотежа со присуството на Русија, па се согласија дека штитењето на нафтата ќе биде примамливо за претседателот, заклучува „Тајм“.