Брисел мора да бара понатамошна политичка интеграција, или да го намали економското обединување што се заканува да ја прегази
Нешнл интерест
Општо е познато дека постои подем на евроскептиците, поточно на оние кои се против постојаната интеграција на 28-те земји-членки на Европската Унија во една заедница. Меѓу овие скептици спаѓаат десничарските партии и популистите за кои се очекува дека ќе освојат по едно на секои три места во Европскиот парламент на изборите што ќе се одржат годинава. Евроскептиците се виновни за брегзит и поради тоа растат сомнежите дека другите земји-членки ќе бараат излез од ЕУ. Тие стојат зад многуте чекори за враќање на националниот суверенитет преку повторното воведување на националната погранична контрола и отпорот кон законите и обврските кон „владата“ на ЕУ, односно Европската комисија.
За да се спречат ваквите трендови, проевропските лидери, особено францускиот претседател Емануел Макрон и германската канцеларка Ангела Меркел побараа поголема интеграција и поголеми овластувања за Комисијата. Општо е познато дека за овие лидери се смета дека припаѓаат на морално правичната страна и се против десничарските и популистичките националисти.
Меѓутоа, големата сила што ги мотивира евроскептиците е дека административната и економската интеграција на ЕУ, како и загубата на националниот суверенитет, во голема мера го надминуваат она што многу Европејци се подготвени да го толерираат, затоа што не се гледаат себеси како граѓани на ЕУ, туку како граѓани на нивните нации. Додека таквата лојалност не се пренесе од нациите кон Брисел, ЕУ треба да ја забави интеграцијата наместо да ја проширува. Оваа теза треба дополнително да се објасни.
ЕУ процвета кога се фокусираше на отворањето на границите за трговија од кои сите имаа корист. Просперираше кога спроведе низа суптилни форми на административна координација меѓу нациите, студентски и научни размени и воведе минимални стандарди за разните индустрии. Сепак, кога ја воведе заедничката валута, почна да влијае врз буџетите на земјите-членки, ги отвори границите за слободно движење на луѓето и се залагаше за прифаќање на голем број доселеници кои удрија по националниот идентитет и поединечните вредности на повеќето земји-членки.
Како резултат на тоа, ЕУ сега сака да застане меѓу двата чекори. Брисел бара највисоко ниво на економска и административна интеграција. Макрон и Меркел, како и европските партии што се поврзуваат со нив, бараат воведување на банкарска унија и интегриран буџет што ќе го формира ЕУ, со тоа што сите земји-членки ќе мораат дома да го усвојат. Европски министер за финансии ќе треба да раководи со буџетот.
Но истовремено, ЕУ одржува ниско ниво на политичка интеграција, иако е потребно повисоко ниво ако луѓето се подготвени да се жртвуваат за себе и за промените во нивните национални политики, како што наложува политиката на единство во ЕУ. Поинаку кажано, градењето на вистинска заедница сериозно заостанува зад економската и административната интеграција. ЕУ сега мора да оди напред преку поголема политичка интеграција, или мора да забави со економската и административната интеграција.
Претстојните избори ќе докажат дали ова е точно, поточно дали апелите за поголема интеграција негативно ќе се одразат и ќе доведат до понатамошен ветер во грб за евроскептиците или поради проблемите што ги создава брегзит, проевропските сили ќе ја вратат старата моќ. Сепак, постои еден курс што за жал не го промовира ниту една страна, а тоа е забавувањето на административната и на економската интеграција, додека фокусот ќе биде на градење на политичка заедница што е потребна за широките маси да прифатат една посилна Комисија и посилна европска влада.
Подготвила: Билјана Здравковска