Посмртните останки на диктаторот се чуваа 44 години во фараонскиот мавзолеј. Сега повеќе го нема последниот голем симбол на диктатурата

Гардијан

Авторка: Ирене Лозано

Во Шпанија заврши процесот за ексхумација на посмртните останки на диктаторот Франциско Франко, од базиликата во местото познато како Долина на паднатите борци. Со него се стави крај на прашањето која траеше 44 години, затоа што во принцип, демократијата не може да ја прифати диктатурата. Досега, гробот на Франко се наоѓаше во гигантскиот мавзолеј сместен во планините северно од Мадрид, на надморска височина од 1.400 метри и крунисан со 150 метарски висок крст кој се забележува од далеку.

Отсега неговите останки ќе бидат префрлени во семејната гробница на обичните гробишта, без никакво обележје или почести. Диктаторот повеќе нема да биде во споменикот кој беше изграден по негова наредба по крајот на граѓанската војна, под првичен надзор на баскискиот архитект Педро Мугуруса, кој беше симпатизер на неговиот режим. Се проценува дека во изградбата на споменикот учествувале 20.000 републикански воени и политички затвореници, што за многумина е болен факт.
Семејството на диктаторот и калуѓерите од базиликата сакаа да ја спречат ексхумацијата со помош на сите правни инструменти. Токму силата на шпанскиот правен систем им ја даде заштитата која диктаторот ја негираше за милиони Шпанци, кои му станаа непријатели и за оние кои безмилосно ги егзекутираше. Сепак, овие правни маневри само го одложуваа неизбежното. Ексхумацијата се случува сега поради оние што се противеа, а не поради владината пасивност.

Првиот чекор кон ваквата разврска беше во мај 2017 година, кога парламентарната иницијатива на шпанската Работничка социјалистичка партија (ПСОЕ) го реактивираше законот за историско наследство од 2007 година и ексхумацијата на диктаторот наиде на невиден консензус во конгресот на пратениците. Само еден глас беше отфрлен против мерката, и тоа по грешка.

Врз основа на консензусот, сложен, но сепак цврст, дека демократијата не може да ја прифати диктатурата, владата предводена од Педро Санчез ја започна процедурата за ексхумација. Врховниот суд ја спроведе одлуката и затоа беа обезбедени сите правни гаранции. Фактот што потомците на Франко ја соопштија нивната намера да достават жалба до Судот за човекови права во Стразбур е само уште еден пример на демократската дарежливост, без разлика колку е иронична. Семејството на Франко не е задоволно од неодамна избраните пратеници од крајната десница (која во Шпанија е помалубројна за разлика од другите европски земји), но ова не значи дека ќе предизвика поделби во шпанското општество.

Мнозинството од граѓаните со смиреност гледаат на овој историски ден, забележувајќи дека законот, сепак, се почитувал во Долината на паднатите борци. Некои ќе бидат задоволни, други можеби индиферентни, додека многумина ќе наздрават. Никој нема да претрпи драстични промени во секојдневниот живот, но тоа е неодоливата сила на симболите, очигледно тие ништо не менуваат, а од друга страна не е така.

Во овој случај елиминацијата на последниот голем симбол на диктатурата ја усогласува нашата реалност со сликата на шпанскиот народ кој сака да ја пренесе за современа Шпанија. Иако Франко почиваше во мавзолејот 44 години, општеството не спиеше. Изградивме демократија која е една од водечките во светот, дури пред САД и Јапонија (според индексот В-дем на универзитетот во Гетеборг) и држава која ужива некои од највисоките слободи во светот (далеку пред Франција, Обединетото Кралство и Италија), според „Фридом хаус“. Толеранцијата на нашето општество нè претвори во држава која го сака диверзитетот. На пример, први го воведовме истополовиот брак. За разлика од амбициите на Франко за унитарна, хиерархиска Шпанија, денес Шпанија е една од најдецентрализираните држави во светот, веднаш зад Германија. Во нашата влада вработени се најголем број на пратенички од која било друга држава во ОЕЦД, а нашите закони против полово насилство претставуваат модел за сите други правни системи во светот.

Шпанија пред 40 години беше тотално поинаква држава. Сепак, за демократите гробот на Франко беше причина за несоница. Нашата демократија, која потекнува уште од парламентот (Кадиз Кортез) од 1810 година, созреа и зајакна, но фараонскиот мавзолеј остана да сведочи. Потребно е да го решиме најважното прашање, а тоа е симболиката. Франко одамна е починат и погребан, но денес е прописно погребан. Оваа победа му припаѓа на шпанскиот народ и на нашата силна демократија.

Превод: Билјана Здравковска