Земјите-членки на Европската Унија се поделени околу предлогот на Франција, некои од нив изразиле поддршка, а други се воздржани околу идеите на Париз.
Претседавачката со Советот на ЕУ, финската министерка за европски прашања, Тити Тупураинен, изјавила дека министрите на Унијата на состанокот во Брисел разговарале општо за политиката за проширување и за европската перспектива на Западен Балкан. Иако немало конкретна расправа за францускиот предлог за реформи во процесот на проширување некои земји-членки изразиле поддршка, а други воздржување кон идеите на Париз, велат од Советот, пренесува „Танјуг“.
– Не донесовме заклучоци, но идејата е да се испрати јасна порака за нашата посветеност кон политиката за проширување за земјите од Западен Балкан. Сите ја поддржуваме европската перспектива на регионот“, рекла таа.
Тупураинен на крајот на состанокот нагласила дека денешната министерска расправа е почеток на разговорите за следните чекори во политиката за проширување кои ќе бидат на дневен ред дури на состанокот на лидерите на ЕУ следната пролет.
Таа рекла дека на состанокот ниту се разговарало ниту се гласало за францускиот предлог, иако биле сослушани размислувањата на Париз.
– Го слушнавме францускиот предлог и имаше земји кои го поздравија и беа позитивни, но имаше и земји кои изразија загриженост и внимателност. На крајот, Европската комисија ќе биде таа која ќе даде предлози врз основа на кои ќе се разговара во Советот – рекла Тупураинен.