Членови на ВМРО-ДПМНЕ вечерва протестираат против судската пресуда за поранешниот премиер Никола Груевски, пред Основен суд 1 Скопје.

Како што наведе Алексадар Трајковски, член на партијата и актуелен советник во Општија Гази Баба од ВМРО-ДПМНЕ, тие се собрале бидејќи било јасно дека ова што му се случува на Груевски е политички прогон.

– Она што е смешно во целата ситуација што се води во случајот „Тенк“ е тоа што главниот доказ за таканареченото дело „мерцедесот” е се уште во Владата и секојдневно се користи за потреби на државата – нагласи тој.

Посочи дека СЈО има една цел, и дека таа цел е да работи на уништување на политичката елита на ВМРО–ДПМНЕ.

– Сите обвиненија на СЈО се базирани на незаконски начин како што е тоа во законот за кривична постапка пропишано, нагласи Трајковски кој исто така е обвинет од СЈО за случајот „Насилство во Центар“.

Истакна дека како граѓани на Македонија ги охрабруваат судиите да преземат чекори и да работат во согласност со законот на Македонија и побараа од Кривичниот совет кој ќе расправа по жалбата дадена од Груевски за одложувањето, добро да ги разгледа причините наведени во барањето за одложување и истото да го прифати.

Демонстрантите го повикаа претседателот Ѓорге Иванов да донесе одлука со која ќе го прекине овој, како што го нарекоа, политички прогон што се спроведува во Македонија.


Иницијативата Правда за Никола Груевски достави писмо до претседателот

Претседателот Ѓорге Иванов да го спречи политичкиот прогон во Македонија и да не дозволи затворите да се исполнат со политички затвореници, напишаа вечерва во писмото претставниците на иницијативата Правда за Никола Груевски кое го доставија до Кабинетот на претседателот.

-Доставувам писмо во кое ние како иницијатива ги образложивме сите наши видувања, сите наши ставови по однос на она што се случува со политичкиот прогон во Македонија, истакна Трајковски.

На прашање што е за нив политички прогон, тој рече дека СЈО кое е формирано со политички договор е противуставно, како и дека сите нивни обвиненија кои ги имаат поднесено во судот се базирани на незаконски стекнати материјали кои, како што рече, согласно законот за кривична постапка не можат да претставуваат доказ во судска постапка. Трајковски наведе дека претседателот знае за сите случувања кои се политички прогон во Македонија.