И денеска продолжува штрајкот во Франција, а со тоа и хаосот во сообраќајот. Вчера, во четвртиот ден од штрајкот на вработените во железницата, повеќето француски возови останаа во станиците.
Штрајкот на француските железници РАТП и париските железници СНЦФ, затвори 14 линии на метрото, со само две линии кои работат на автоматски возови без возачи. Според француските медиуми, денеска се очекува да биде исклучително тешко.
СНЦФ ги советуваше корисниците да ги избегнуваат станиците денеска поради безбедносни причини и потенцијалот за голем метеж.
Сообраќајот на брзите метро линии во Париз, исто така, ќе биде нарушен бидејќи 10 од 16-те линии ќе останат затворени, објави француската радио станица Франс енфо.
За да се избегнат поголемите застои, обичните возила ќе им се овозможи денеска да користат жолти ленти резервирани за градски сообраќај и такси, но само на приодите кон Париз, а не и во самиот главен град.
СНЦФ и РАТП штрајкуваат околу реформите во пензискиот систем што ги објави францускиот претседател Емануел Макрон.
Железничките синдикати, кои веруваат дека реформата предложена од Макрон нуди послаби услови за пензија и присилува одредени категории да работат подолго, изјавија дека понеделник е клучен ден, но исто така подготвени се да го продолжат штрајкот до католички Божиќ.