Ова не е добро време за Западен Балкан. Или воопшто, за поддржувачите на италијанската партија „Повеќе Европа“, пренесува „Карнеги Европа“. И едните и другите станаа недолжни жртви на непријатното несогласување помеѓу францускиот претседател Емануел Макрон и германската канцеларка Ангела Меркел. Несогласувањето ја откри неможноста на ЕУ да ги оствари политиките на интеграција и на проширување, како и стратешките цели.
Навидум, се е розово помеѓу германските и француските лидери. Но всушност, нивниот однос, е нарушен во толкава мера, што интерните реформи и проширувањето на блокот се доведени во застој.
Макрон и Меркел не се согласуваат околу јакнењето на еврото, во ситуација кога Франција се залага за банкарска унија, на што Германија се противи. Макрон му се обрати на рускиот претседател Владимир Путин, сметајќи дека Русија е клучна за европската безбедност, став што не го дели Меркел. Во поглед на проширувањето, Германија постојано го поддржуваше, додека Франција традиционално има поскептичен став.
Сега се чини дека несогласувањата помеѓу Париз и Берлин, кои отсекогаш беа решавани со компромис, ја кочат ЕУ. Една од државите директно погодени од несогласувањата е Македонија. Таа беше наведена да верува, колку што може ЕУ да вети, оти набргу ќе почне пристапни преговори.
Државата од Западен Балкан, не само што ги исполни критериумите за почнување на пристапни преговори со Брисел, туку и со лидерството на Скопје и Атина го реши спорот за името. Сега, членството во НАТО е на добар пат, но не и она во ЕУ.
Накратко, прашањето за проширување останува „замрзнато“, а ЕУ е во неизвесна ситуација, освен ако новата шефица на Европската комисија, Урсула фон дер Лејен, не ги запре несогласувањата. Русија и Кина веќе можат да стекнат влијание во оваа ситуација. Франција и Германија белки ќе успеат да го разберат тоа.