Меѓусебните односи на Грција и САД се на најдобро ниво во последните неколку децени, со што Грција ќе ја искористи поволната ситуација за да бара одредени безбедносни гаранции, како и добивање на опрема од Пентагон, пишува „Катимерини“.
Извесно е оти неколку претстојни важни настани ќе влијаат врз соработката на Грција и САД. Грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис треба да се сретне со американскиот претседател Доналд Трамп во Њујорк. Условите на новиот одбранбен договор помеѓу двете држави исто така ќе бидат дефинирани во текот на посетата на американскиот државен секретар Мајк Помпео во Атина следниот месец.
Грчките медиуми сепак предупредуваат дека Грција треба да биде воздржана во очекувањата од соработката. А познавачите на состојбите сметаат дека кинеското присуство во Грција ќе биде осетливо прашање.
– Тие што веруваат дека САД ќе и го свртат грбот на Турција се лажат. Таквите тектонски промени бараат подолго време за реализација. А оние од другата страна на Атлантикот што бараа шестгодишен договор за одбрана избрзаа – пишува „Катимерини“.
Значителните промени во владејачката структура во Грција во изминатите неколку децении не влијеја врз проамериканската ориентација на политиката на јужниот сосед.
На повидок е ново грчко-американско партнерство за одбрана и изградба на нови воени бази. Во овој контекст, стратешкиот дијалог меѓу двете земји е во тек и првата рунда на состаноци се одржа во декември минатата година во Вашингтон, а втората рунда, најверојатно во Атина, ќе биде предводена од американскиот државен секретар Мајк Помпео.
Овој дијалог се совпаѓа со преговарачкиот процес за ажуриран заеднички договор за одбранбена соработка. Сегашната спогодба беше потпишана во 1990 година и исто така го продолжи функционирањето на американските бази во Грција.
Преговорите за новиот договор се фокусирани на условите што ќе овозможат и дополнително ќе го засилат американското присуство во базите во Соуда кои станаа центар на американското аеронаутичко присуство во поширокиот регион, како и консолидирање и проширување на користењето на Лариса како воздушна база. Згора, спогодбата треба да овозможи и користење на градот Дедеагач од страна на американската морнарица, поради неговата стратешка локација.
Климата за меѓусебна соработка е позитивна на двете страни, но уште е нејасно дали новиот договор би можел да биде склучен во краток рок, бидејќи потребна е ратификација од грчкиот парламент. Продолжувањето на сегашната спогодба треба да овозможи дополнително време за преговори.