Грчкиот Парламент ја повика грчката Влада да ги преземе сите соодветни активности, особено дипломатски и правни, за барање на долговите и целосно да ги задоволи сите барања на Грција од Првата светска војна и од Втората светска војна, е одлуката и повикот на грчкиот Парламент, откако вчера со широко мнозинство, го изгласа предлогот на Претседателот на Парламентот Никос Вуцис, Грција да ги бара долговите од Германија, јави дописничката на МИА од Атина.
Повикот од грчкиот Парламент до Влада е земајќи предвид дека „прашањето за долгови кон Грција од Првата и Втората светска војна останува отворено, барањата и долговите од Првата и Втората светска војна остануваат нерешени и активни во целина, Грција никогаш и на никаков начин не се откажа од своите барања, не се поставува и нема да се постави никакво прашање за бришење на барањата на Грција“.
Одлуката е испратена и до претседателот на Грција, а како што и најави Никос Вуцис, грчкиот Парламент ќе ги информира сите европски парламенти за барањата за германските долгови.
Парламентот вчера дискутираше и гласаше врз основа на извештајот на Интерпарламентарниот Комитет според кој, Грција бара воени отштети за материјалните катастрофи и кражби, воени репарации за жртвите и роднините на жртвите, отплата на окупаторскиот заем и враќање на украдените археолошки и црковни богатства.
Извештајот на Интерпарламентарниот Комитет од 2016 година е на 348 страници, ги содржи ставовите и позициите на партиите членови на Парламентот, детално ги објаснува грчките позиции, а ги споменува и одржаните 13 седници заклучно со 27 јули 2016, кога Комитетот го одобри извештајот.
-На почеток треба да се истакне дека барањето се однесува и на двете светски војни (првата и втората). Според ова, подготвено е мислењето на Интерпарламентарниот комитет. Исто така, треба да се истакне дека, како што произлегува од низа документи, извештаи, писма, вербални ноти и други дипломатски активности, усни изјави, итн., Грција никогаш не се откажа од нејзините генерални барања од Германија- пишува меѓу другото во извештајот.
Интерпарламентарниот Комитет беше формиран на 18 ноември 2015 година.