Меѓународно признатата либиска влада на премиерот Фајез ал Сараџ ја спроведува воената операција „Вулкан на гневот“, во обид да ја запре офанзивата на Либиската национална армија (ЛНА) на генералот Халифа Хафтар кон Триполи, додека меѓународната заедница повикува на прекин на борбите.
Гласноговорникот на либиската армија во Триполи, Мохамед Гунуну, соопшти оти државните сили напредуваат на сите фронтови против борците лојални на Хафтар, кој во четвртокот вети ослободување на главниот град на Либија.
Од друга страна, има тврдења дека силите на ЛНА извршиле воздушни напади врз јужниот дел на Триполи и дека почнале да напредуваат кон центарот на градот.
Според Владата на Сараџ, во вчерашните борби во близина на Триполи загинале најмалку 21 лице, а 27 други се ранети. Од друга страна, Хафтар соопшти дека во судирите биле убиени 14 борци на ЛНА. Според неофицијални податоци, најмалку 35 лица загинаа во досегашните борби.
Офанзивата на Хафтар уследи откако владата закажа, па потоа ги одложи изборите, кои првобитно требаше да се одржат во декември минатата година, поради влошувањето на безбедносната состојба. ЛНА, пак, ја зацврсти контролата на територијата на југот, а потоа и на западот на државата.
Згора, борбите доаѓаат во пресрет на националната конференција планирана за 14 април, чија цел е зајакнување на националното единство и решавање на политичката и безбедносна криза по отстранувањето на Муамер Гадафи од власт во 2011 година.