фото: Игор Бансколиев

Во Скопје почна маршот за воздух организиран од триесетина граѓански иницијативи, кои се борат против загадувањето на воздухот.

Студеното поладне во главниот град не ги спречи граѓаните да дојдат пред Министерството за животна средина, од каде што се упатија кон Собранието, а протестот ќе заврши пред зградата на Владата.


Граѓани од сите возрасти се присутни на маршот, а Аријанит Џафети од „Екогерила“ – Тетово вели дека протестите ќе продолжат сè до исполнувањето на нивите барања за чиста животна средина.

Душко Груевски од иницијативата „Битола сака воздух“ рече дека не очекува Владата да ги исполни нивните барања бидејќи, како што вели, на власта поважни ѝ се интересите на олигарсите отколку на граѓаните.

– Се бориме за својот живот во целата држава, против каменоломите над нашите глави, чија прашина нè задушува, постојаните експлозии ни ги ронат домовите, против рудниците, чии вековни отрови ќе останат да стојат над нашите земјоделски полиња, домови, против малите хидроцентрали, кои ни ги земаат нашите реки – пишуваше во најавата за маршот.
Една од организаторките на маршот оцени дека посетеноста на денешниот настан е одлична.

Маршот се случува во пресрет на усвојувањето на предлог-буџетот на град Скопје за 2020 година, кое треба да се биде в понеделник.

Марш за воздух се одржа и минатиот месец кога граѓаните исто така присуствуваа во голем број.