„Восток 2018“ не е само голема воена вежба, туку своевидна психолошка војна и геополитички гамбит покренат од Русија, согласно со демонстрирањето на способноста да организира комплексни воени операции. Но, постои разлика помеѓу покажување на оружјето и водењето на вистинска војна, пренесува американскиот магазин „Атлантик“.
– Вежбите покажуваат дека Москва го врати капацитетот за акција на континентално ниво, но всушност не може да си дозволи изведување на ваква воена операција. Тешко може да се состави армија од ваков тип во време на војна кога железничките линии и комуникациските центри би биле примарни цели – се наведува во анализата насловена „Не плашете се од руската војска“.
„Восток 2018“ е изведен во рамките на т.н. „хеви-метал дипломатија“ што подразбира користење на војската за збунување и заплашување на Западот. Во прилог на ваквите тврдења се наведува организацијата на „воени игри“ кои симулираат руска инвазија, од страна на Москва, кога во Финска и во Шведска беа актуелни дебатите за приклучување на НАТО. Во написот се изразува сомнеж и за бројноста на учесниците, која авторот наведува дека е поблиска до 150 илјади војници, наспроти соопштените 300 илјади. Според руските податоци во вежбите учествуваа и 36 илјади тенкови и други возила, 80 бродови, 1.000 авиони.
– Доколку по еден пешадиски полк од бригада е навистина вклучен во „Восток“, тогаш Русија ја брои целата бригада. Ваквиот приказ е во полза на уверувањето на руската јавност дека нема да бидат потрошени дополнителни средства за организација на воените игри. Пренесувањето на третина од руската армија низ Сибир и низ истокот на државата не е евтино. Заклучокот гласи дека Русија нема доволно пари ниту транспортни капацитети за да пренесува толку бројни трупи – вели аналитичарот Мајкл Кофман.
На Западот не помина незабележано ниту учеството на релативно мал кинески контингент (3.200 војници и 30 летала) во вежбите, и покрај тоа што веројатно не е сигнал за воена алијанса како што се претставува. Пораката гласи дека Русија не сака да биде во цврст сојуз со Кина, но доколку биде приморана на таков чекор, нема да има алтернатива.
Додека НАТО со загриженост го следи „Восток 2018“ со цел да стекне увид во руските воени способности, подеднакво е важно да води сметка и за скриените пораки кои произлегуваат од вежбите, се заклучува во анализата.