Њузвик

Иран и Венецуела одговорија на заканите на САД за воена акција на нивна територија, со тоа што врвни дипломати предупредија дека советникот за национална безбедност од Белата куќа, Џон Болтон, врши притисок за започнување на две нови војни.

Болтон, кој е искусен политичар со агресивни ставови, што своевремено ја поддржуваше војната во Ирак, меѓу другите американски интервенции, стана дел од кабинетот на претседателот Доналд Трамп, лани во април, и оттогаш им се заканува на наводните непријатели дека ќе употреби сила. Во едно од неговите понови обраќања, Болтон во неделата најави дека американскиот носач на авиони „Абрахам Линколн“ и оперативната единица за бомбардирање ќе бидат распоредени предвреме во Персискиот Залив, „за да се испрати јасна и силна порака до иранскиот режим“ како одговор на информацијата за можни напади на американските интереси, наводно, пренесена од страна на Израел кој е долгогодишен прв непријател на Иран.

Иако иранските вооружени сили го отфрлија потегот, министерот за надворешни работи Мохамед Џавад Зариф објави на Твитер, во вторникот, дека повторно се активирал квартертот „Б-тим“ како што тој ги нарече Болтон, израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху, саудискиот престолонаследник принцот Мохамед бин Салман и претседателот на Обединетите Арапски Емирати (ОАЕ), Халифа бин Заид ал Нахјан. Во објавата на Твитер тој вели дека „од најавите за поморски движења (кои всушност се случија минатиот месец) до сериозните предупредувања за таканарачени ’ирански закани’, ако САД и нивните соработници не се чувствуваат безбедно, тоа е така затоа што народите во регионот ги мразат и го обвинуваат Иран зашто не сака тоа да го промени“.

Меѓу Болтон и Иран одамна постои нетрпеливост. Тој долги години се залагаше за напади врз шиитската сила и ја обвинуваше затоа што поддржувала милитантни групи на Блискиот Исток и надвор од него. Тој исто така зборуваше во корист на левичарската организација Народни муџахедини на Иран, некогашната терористичка група помогната од САД, која сакаше режимска промена во Техеран каде што таа беше силно осудувана.

Само еден месец откако Болтон почна да ја извршува функцијата во кабинетот на Трамп, Белата куќа еднострано се повлече од мултинационалниот нуклеарен договор со Иран потпишан во 2015 година, со што се отвори патот за воведување на нови санкции, кои претходно беа укинати во замена за Техеран да го запре нуклеарното производство. САД оттогаш сакаа целосно да го сопрат нафтениот увоз на Иран, потег за кој Техеран предупреди дека би можел да доведе неговата Револуционерна гарда да го блокира стратешкиот Ормуски Проток.

САД, неодамна, елитната иранска воена сила ја нарекоа терористичка организација, во одлуката да возврати со иста мера на мерките што Техеран ги презеде против централната команда на Пентагон која има задача да ги надгледува операциите на Блискиот Исток.

Како што се подгреваат тензиите во регионот, Болтон исто така, има амбиција да предизвика друга криза, нешто поблиску до дома. Откако Трамп ја презеде претседателската функција на почетокот од 2017 година, САД го зацврстија нивниот став кон Венецуела која Болтон ја нарече дел од „тиранската тројка“ во која спаѓаат и левичарските Куба и Никарагва. Тој активно се бори да го собори од власта претседателот Николас Мадуро. САД го поддржуваат опозицискиот лидер Хуан Гваидо кој се самопрогласи за претседател во јануари кога го обвини Мадуро дека ги фалсификувал последните избори и дека се збогатил преку корупцијата во текот на историски најголемата криза, која дополнително беше влошена поради санкциите на администрацијата на Трамп. Состојбата ескалираше минатата недела кога Гваидо побара воена интервенција, но на крајот беше спречен со жесток одговор на владата. 

По неуспешниот бунт, помошниците на Болтон, наводно, се залагале за воени решенија на состаноците со Пентагон. Венецуелскиот министер за надворешни работи Хорхе Ареаса изјави за рускиот државен медиум „Раша тудеј“ во понеделникот, дека државниот секретар Мајк Помпео, а „не Болтон“, можеби сè уште „има моќ да понуди нова стратегија за Венецуела“. Во меѓувреме Гваидо се бореше за да добие доволна поддршка од домашните вооружени сили и размислуваше да побара американска интервенција.

Ареаса апелираше за „мир“ и за „дипломатија“ на прес-конференцијата што се одржа истиот ден во Москва. Но тој предупреди дека венецуелската војска „не само што може да се спротивстави и да се бори против, туку и да ја победи секоја војска без разлика колку е таа моќна“.

Иран и Венецуела не се единствените кои предупредуваат за агресивноста на Болтон. Рускиот министер за надворешни работи, Сергеј Лавров, во вторникот изјави дека „Русија силно се противи на употребата на сила во кршењето на меѓународното право без разлика каде се случува, па така и во Венецуела“ по преговорите со Помпео. САД ја обвинија Русија затоа што работела на тоа Мадуро да ја задржи власта.

Исто како Иран и Русија, Кина ја поддржува законски избраната влада во Венецуела, како и режимот во Сирија, и покрај американските напори за негово соборување. Исто како и Москва и Техеран, Пекинг остана вклучен во иранскиот нуклеарен договор покрај тоа што Вашингтон се повлече од него.

Како одговор на минатонеделните напори да се отфрли Мадуро, портпаролот на кинеското министерство за надворешни работи Генг Шуанг, порача во понеделникот, дека „бараат од меѓународната заедница да ги има предвид суштинските интереси на Венецуела и на нејзиниот народ, да го следи најважниот тренд, за ги забрза напорите за мировни преговори, да престане да ја провоцира политичката конфронтација, да се откаже од плановите за воена интервенција и да игра конструктивна улога во политичкото разрешување на ова прашање, наместо да ризикува во историјата да биде позната како главен виновник“.

Наредниот ден, Генг коментираше за присуството на американскиот носач на авиони во Персискиот Залив дека „Кина се залага за надминување на разликите преку дијалог и консултации врз основа на меѓусебната почит и притоа се надева дека нерегионалните големи сили ќе придонесат за мирот и стабилноста на Блискиот Исток, и исто така ќе се откажат од акции што можат да предизвикаат ескалација на тензиите“.

Подготвила: Билјана Здравковска