Читајќи за случувањата во Специјалното јавно обвинителство во Северна Македонија можам да заклучам дека владењето на правото повторно забрзано пропаѓа, напиша Петер Ванхојте на Фејсбук, по повод случувањата во СЈО. Белгискиот експерт претходно беше ангажиран од Европската Унија во процесот на преговори и склучување на договорите од Пржино, како и во процесот на договарање на СЈО.
– Што и да се случило во СЈО, важно е да се запрат шпекулациите и да му се овозможи на Обвинителството да ја врши својата работа. Во случај да има злоупотреба на функцијата, луѓето кои се вмешани, треба да бидат и осудени. Но запрете ги гласините! Анализирајќи ги случувањата, се прашувам: Зошто ова сега излегува на виделина? Кој ќе има корист? Кој стои зад ова? Дали Катица Јанева допрела до одредени луѓе кои верувале дека се недопирливи и над власта? – пишува Ванхојте.
Тој ги обвинува политичарите за ситуацијата.
– Во врска со прашањето кој би имал корист, би можел да приложам долга листа со имиња, но тоа нема да и помогне на државата да оди напред. Но, едно е јасно. Политичарите потполно ја оплескаа работата. Наместо да гарантираат независно е објективно судство, политичарите од сите партии продолжија со нивните лични конфликти и заборавија на важноста на коректната имплементација на демократските принципи, како што се поделбата на власта и потребата за независен судски систем – порача Ванхојте.
Белгискиот дипломат заклучи дека мора да продолжи и истрагата за прислушуваните разговори, и оти треба да се осигури кривичното гонење на сите кои биле вмешани, вклучувајќи го и Никола Груевски.
Reading what is going on with the Office of the Special Prosecutor in North Macedonia, I can only conclude that Rule of…
Posted by Peter Vanhoutte on Среда, 17 јули 2019