Грчките компании се обидуваат да го заштитат терминот „Македонија“ што се појавува во брендовите на 182 грчки бизниси (над четири илјади грчки компании го користат во описот на барем еден производ), сметајќи дека се соочуваат со неизвесност во работењето по ратификацијата на Преспанскиот договор, пренесува Франс 24.
– Ова шише се извезува во 33 држави. Дали во Кина и во Бразил би го знаеле регионот од каде што доаѓа производот. Постои конфузија – вели Јоргос Фонтулис, претседателот на асоцијацијата на произведувачи на вино во северна Грција, држејќи шише вино со натписот „македонско“.
Грците се загрижени дека компаниите во Македонија би можеле да профитираат преку новонастаната ситуација.
– И денеска постои конфузија за македонските производи. Многумина веруваат оти македонските производи што Грција ги извезува доаѓаат од соседната држава – истакна Симеон Дијамантидис од грчката Асоцијација за извоз.
Стопанската комора на северна Грција претходно понудила правна помош на бизнисите кои бараат дополнително појаснување на деталите на спогодбата. Преспанскиот договор ги осигурува правата што грчките компании ги имаат според прописите на ЕУ (вкупно 19 грчки компании ги заштитиле имињата кои го содржат терминот македонски, на меѓународно ниво).
Во спогодбата се наведува дека двете страни „се согласуваат да ги поддржат нивните бизнис-заедници во применувањето на структуриран дијалог на добра волја, со цел да изнајдат заемно прифатливи решенија за прашањата што потекнуваат од комерцијалните називи и комерцијални брендови, како и од сите значајни прашања на билатерално и меѓународно ниво.
Допрва треба да биде оформен тим од експерти од двете држави што ќе се фокусира на прашањата за називите и заштитните обележја (ќе работи до 2022 година), кои треба да се решаваат според Преспанскиот договор.