Бројни држави и авиокомпании ширум светот ги приземјуваат нивните авиони „Макс 737“, но компанијата „Боинг“ продолжува да тврди дека нејзините авиони се безбедни за летање, и покрај двете авионски несреќи во претходните пет месеци, пренесува Си-ен-ен.
Велика Британија, Германија, Франција, Австралија, Индонезија, Кина се меѓу државите кои досега одлучија оти авионите на „Боинг“ не смеат да прелетуваат во нивниот воздушен простор. Згора, повеќе авиокомпании соопштија дека нема да ги користат моделите на американскиот произведувач додека не биде откриена причината за несреќата во Етиопија, за која истрагата е во тек.
„Боинг“ сепак, останува при ставот дека приземјувањето е непотребно. Мислењата на експертите се поделени по ова прашање.
– Неприземјувањето на авионите го прикажува „Боинг“ во лошо светло. Авиокомпаниите и државите велат дека ова е бесмислено – вели аналитичарката по авијатика Мари Скијаво, која смета дека компанијата би ја ставила ситуацијата под контрола кога би ги приземјила сите нејзини преку 300 авиони кои се во служба, како и кога би прекинала со испорака на нарачките.
Други познавачи, пак, мислат дека би било тешко за „Боинг“ да ги приземји сите авиони, односно дека тоа не би била правилна одлука, и покрај притисокот.
– Ако „Боинг“ и Федералната управа за авијација сметаат дека авионот е способен за летови, тогаш зошто да се случи приземјувањето – се прашува Картер Копланд, аналитичар во „Мелиус рисрч“.
– Најпогодно време за приземјувањето беше веднаш по несреќата на „Етиопиан ерлајнс“. Мислам дека сега се загрижени оти ваквата одлука би била сметана за отстапување од ставот според кој авионот е безбеден. Мислам дека не можат да победат на ниеден начин – посочува аналитичарот Ник Вајат од „Глобал дата“.
Администраторот на Федералната управа за авијација (ФАА) на САД, Даниел Елвел истакна дека проверката на агенцијата на „737 Макс“ не покажува проблеми со перформансите и не дава основа за приземување на авионите.
Се проценува дека трошоците за приземјување на сите авиони на „Боинг“ би изнесувале помеѓу една и пет милијарди долари. Американскиот произведувач приземји цела флота од неговите авиони во 2013 година, кога им кажа на авиокомпаниите да не ги користат моделите „787 дримлајнерс“, поради технички проблеми. „Боинг“ и ФАА соопштија дека ажурирањето на софтверот закажано за следниот месец, би требало да им овозможи на пилотите подобра контрола врз авионот, во случај на проблеми со безбедносниот систем.