По повеќе од седум часа, доцна во ноќта пропаднаа преговорите на власта и опозицијата, а со тоа и договорот за закон за јавно обинителство со кој ќе се овозможи продолжување на работата на СЈО. Новинарите во два часот по полноќ го напуштија Собранието и не го дочекаа исходот од лидерската средба.
Според неофицијални информации, на маса била понудата за две обвинителства, од кои едното ќе биде ново и ќе гони висока корупција сторена од сите функционери. Предлогот бил шефот на ова обвинителство да го предлага опозицијата, но тоа било одбиено од ВМРО-ДПМНЕ. За нив не било прифатливо ова ново обинителство да ги гони корумпираните функционери во иднина, односно само по неговото формирање.
ВМРО-ДПМНЕ биле повеќе заинтересирани обвинител на нивен предлог да ги преземе предметите на СЈО, но за СДСМ тоа не било прифатливо затоа што сметале дека така опозицијата ќе ги уништи, односно сите предметите ќе ги затвори. За предметите во СЈО, отворени после 30 јуни, Христијан Мицкоски барал да се затворат со закон.
По неуспешната и долга средба, од преговарачкиот тим на власта брифираа дека со преземање на предметите од страна на ЈО целосно е обезбедена иднината на сите предмети на СЈО со цел тие да имаат своја разрешница во системот на јавното обвинителство и судството. Сите предмети, сите истраги и предистраги продолжуваат во целосна независна надлежност на државното јавно обвинителство, брифираат од преговарачкиот тим на власта.
Според нив, шефот на јавното обвинителство ќе одреди, согласно законските овластувања кој јавен обвинител ќе го продолжи секој од предметите. Со ова велат, судбината на случаите ќе се решава во јавното обвинителство и во судството, а не на преговарачка маса меѓу политичките партии.
На синоќешната лидерска средба се очекуваше да се постигне решение за законот за ЈО кој треба да се донесе најдоцна до 15 септември со двотретинско мнозинство во парламентот. Законот е во собраниска процедура и е почната амандманската расправа за него. До 15 септември завршува мандатот на специјалната јавна обвинителка Катица Јанева која е во притвор како осомничена во случајот „Рекет“.