Четворица министри за надворешни работи апелираат за пристапни преговори со Македонија и со Албанија
Одлуката на Европската Унија околу тоа дали да почне пристапни преговори со Македонија и со Албанија доаѓа во време кога блокот се соочува со бројни предизвици, се наведува во апелот на Томаш Петричек, Петер Сијарто, Јацек Чапутович и Мирослав Лајчак, министрите за надворешни работи на Чешка, Унгарија, Полска, односно на Словачка, објавен во „Политико“ .
Но, претстојните прашања (брегзит, миграцијата, нестабилноста во соседството, почетокот на новата Европска комисија) не смеат да ни го оттргнат вниманието од она што ЕУ успеа да го постигне на Западен Балкан, односно од тоа што допрва може да се постигне со придржување кон обврските кои беа ветени.
– Северна Македонија и Албанија нестрпливо го исчекуваат почетокот на следната фаза на интеграцискиот процес. Времето е погодно за правење на храбра одлука за иднината, не само на овие држави, туку и на целиот Западен Балкан, како и на ЕУ. Позитивна одлука која ќе испрати јасен сигнал дека ЕУ ги препознава конкретните резултати од исполнувањето на условите кои таа ги постави. Тоа ќе му овозможи на регионот свеж поттик за понатамошни реформи и трансформација – се наведува во написот на европското издание на магазинот „Политико“.
Преку овозможување на Македонија и на Албанија да го направат следниот чекор во интеграцискиот процес, ЕУ ќе ја потврди нејзината посветеност кон стабилност, безбедност, демократија и просперитет во регионот. И ќе го признае фактот дека единствено преку интеграција на Западен Балкан, ЕУ може да биде комлетна, а нејзините долгорочни интереси остварени, гласи заклучокот на шефовите на дипломатиите.