Најголемата музичка ѕвезда во регионот, Здравко Чолиќ, вчеравечер цели три и пол часа им ги пееше своите најголеми хитови на скопјани, во арената „Тоше Проески“. Бројната публика, која одлучи оваа топла, ведра ноќ да дојде на неговиот трет концерт периодов, откако двапати го наполни СРЦ „Борис Трајковски“, не зажали, напротив.
Околу 30.000 луѓе, од сите генерации, уживаа во музичкито времеплов на Чолиќ, и се вратија назад дури педесетина години, уште од времето на неговите почетоци, пеејќи ги со него песните со кои растеа, се вљубуваа, се веселеа….Слушавме и мелодии од неговиот последен албум „Оно мало среќе“, кои допрва треба да ги освојат срцата на слушателите.
А Чола, расположен и насмеан како и секогаш, со глас што не старее, туку напротив е се подобар и подобар, придружуван од извонредните музичари и неуморените танчери, се трудеше, давајќи се од себе да не ја разочара публиката, која не му се налути ни што цел час доцнеше концертот.
Имаше коментари и дека звукот можел да биде за нијанса подобар, оти можеле да бидат вклучени и двата големи eкрани на стадионот… Сепак, во глобала овој мега концерт мина во најдобар ред, а искрено се надеваме дека освен странски изведувачи, наскоро и некоја домашна ѕвезда ќе успее да одржи концерт таму.
Чолиќ послледен пат пред 10 години го наполни Градски, а во меѓувреме е чест гостин во земјава. Едноставно, нему публиката му верува, го саката и го наградува со лојалност.
Музичкиот времеплов почна со песната „Продужи даље“ па се редеа „Чија је ово ѕвезда“, „Ти живиш у обацима мала“, „Једна за другот“, „Красива“, „Остани“, „Окано“, „Пјевам дању, пјевам ноќу“, „Главо луда“….
Во паузата уживавме во настапот на тапанарот Драгољуб Ѓуришиќ, некогашен член на на групата „Леб и Сол“ , кој имаше експлозивна точка со своите млади ученици, а во третиот дел Чолиќ најпрво не потсети на неколку негови моќни балади, по што атмосферата стануваше се пожешка со „Јасмина“, „Пусти пусти моду“, „Ти можеш све а једно не“… . На крајот се збогуваше со „Тебе чувам за крај“.
Концертот го организираш „Прагма“ продукција.
М.Т.