Италијанскиот заменик-премиер и министер за внатрешни работи, Матео Салвини, се надеваше дека неговата кампања за преземање на Европската Унија (ЕУ) ќе кулминира на митингот на лидерите на десницата од Стариот континент, кој се одржа вчера во Милано. Но, посетеноста беше слаба, дождот лиеше, а локалните жители протестираа против собирот, пишува „Политико“.
Анкетите за јавното мислење, исто така, не претставуваат причина за оптимизам за Салвини. Тие покажуваат дека неговата десничарска коалиција ќе освои 70 од вкупно 751 место во Европскиот парламент на претстојните избори.
Но, најголем проблем за италијанскиот заменик-премиер претставува скандалот кој изби со австриската десничарска Партија на слободата, која претставува клучен сојузник на алијансата на Салвини, кој е во добри односи со главниот актер во скандалот Хајнц-Кристијан Штрахе.
Скандалот во Австрија би можеле да го искористат противниците на Салвини, што стана извесно откако германската канцеларка Ангела Меркел го нарече Штрахе, „политичар кој е на продажба“. Ваквите обвинувања се должат на обелоденувањето на видео-снимка од 2017 година, на која се гледа како Штрахе и нуди државна работа на наводна внука на руски милијардер, во замена за финансиска помош на неговата партија.
Главна тематика на митингот во Милано претставуваше „враќањето кон здравиот разум од европското минато“. Салвини ја окарактеризира неговата жестока политика кон мигрантите како „животоспасувачка“.
Останува да се види како ситуацијата во Австрија, каде што се очекуваат вонредни избори, ќе се одрази на гласањето во Европскиот парламент, односно на плановите на Салвини.