Раководителот на Секторот за операции и координација при Центарот за управување со кризи (ЦУК), Горан Стојановски, на попладневната прес-конференција како исклучително тешки ги посочи пожарите во делчевскиот и пехчевскиот регион – Нов Иствник, Пасјак, Трботивиште и Разловци.
– Во моментот се дејствува со жива сила, со поддршка и помош од хеликоптерската единица на АРМ и на соседна Србија. Но, времето и условите се исклучително тешки. Јачината на ветерот е 60 километри на час и сето тоа отежнува и придонесува да не може да се ефикасно да се дејствува – нагласи Стојановски.
Во Пехчево исклучително тешка е состојбата кај Бајаз Тепе, Црник и Мачево.
– Има некаде над 350 луѓе на тој потег, помогнати масовно од мештаните на Пехчево, но состојбите се уште не се под контрола. Можно е пожарот да избега во правец на Бугарија. Со сигурност не можеме да кажеме. Правиме напори за вклучување на дополнителни хеликоптери за да можеме барем тој појас да го заштитиме, да не пројде кон Бугарија. Се прават пресеци со градежни машини, се заоруваат ниви, односно и необработливи површини, се сечат дрвја се со цел да се спречи понатамошното интензивно ширење – потенцира Стојановски.
Сепак, тој нагласи дека условите се такви што на овие локации огнот повторно се разгорува.
– Одите 20 метри, гасите, се вртите и позади вас повторно го гледате истото жариште, така што исклучително е тешко да се гаси на таков простор – објасни претставникот на ЦУК.
Попладнево избувна пожар во село Ласкарци, кој се гледа од автопатот Скопје-Тетово и таму многу тешко оди гасењето оти се наоѓа на непристапен терен, а ветерот постојано го менува правецот и го разгорува.
Посериозни се пожарите и во Свети Николе, Радовиш и Прилеп.