Односите меѓу Грција и Турција се враќаат на нивото на Отоманската империја. Конфликтот е на раб на избивање на војна, оценува весникот „Кришчан сајенс монитор“.
Додека сите очи на светот се вперени кон Иран и Северна Кореја, двата соседа полека се лизнаа во опасното подрачје во кое и најмалото погрешно толкување би можело двете земји да ги воведе во сериозен конфликт, што не исклучува ниту вооружен конфликт, оценува весникот.
Потсетува дека тензиите меѓу Грција и Турција постојано растат во областа на Егејското море, а тензиите се дополнително подигнати откако Турција одби да ги пушти двајцата грчки војници, заробени покрај границата, поради упад во турска територија. Грција тврди дека војниците се загубиле во големото снежно невреме и сосем случајно влегле на турска територија, додека Турција смета дека станува збор за шпиони.
Исто така, причина за тензиите се и константните воени вежби и на копно и на море, веднаш до границата со Турција, како и најавата на Грција дека кон турската граница ќе испрати уште 7.000 војници.
Грција и Турција се препукуваат и во воздух. Минатиот месец и грчки и турски авиони за малку ќе навлегле во воздушниот простор на соседот, поради што Турците истрелале предупредувачки куршуми кон Грците, а Грците кон Турците, кога нивен авион бил блиску до грчкиот простор.
Бројот на провокации на островите во Егејското море не може точно ниту да се преброи.
Сега е прашање колку лошо стојат работите? Многу лошо, оценува „Кришчан сајенс монитор“ и истакнува дека ниту едно спорно прашање меѓу двете држави од 1996 година не е решено, како разграничувањето во Егејското море и прашањето за Кипар.
Како што стојат работите, ниту сегашните власти нема да ги решат, бидејќи во Грција министер за одбрана е деклариран десничар кој турскиот претседател Ердоган го нарекува „лудак“, додека властите во Анкара се националистички настроени. А бидејќи во Турција наближуваат избори, ситуацијата ќе стане уште поексплозивна.
Грчкиот министер за надворешни работи веќе предупреди дека Турција се приближува до црвената линија.
Аналитичарите од „Кришчан сајенс монитор“ оценуваат дека целокупниот однос меѓу Грција и Турција стана толку напнат, што и најмало недоразбирање, погрешна проценка или потег би можеле да доведат до оружен конфликт. Тие како веројатно сценарио ја поставуваат ситуацијата дека лесно би можело да се случи, на пример, грчки авион да собори турски што му се приближува, што директно би довело до оружен конфликт.