Отворени се сите можни опции за решение за името. Ниту едно име не е фаворизирано и се уште се разговара. За грчката страна решението ќе биде со име од трите предлози на Нимиц „Република Нова Македонија“, „Република Северна Македонија“ или „Република Горна Македонија“.
Експертските работни групи од Македонија, Грција и од Обединетите нации заседаваат во Атина со цел да го доработат рамковниот договор за двајцата премиери. Клучните детали за решението треба да се финализираат на средбата на двајцата премиери Зоран Заев и Алексис Ципрас.
Датумот за средбата ќе биде познат во наредните денови. Потоа ќе следат неколку фази до ратификацијата на спогодбата во двата парламента
Првиот чекор е премиерот Заев да го донесе договорот во македонскиот Параламент на изгласување, а потоа со допис Грција да го извести НАТО дека го одобрува влезот на Македонија во северноатланската алијанса. Следата фаза, на 28 и 29 јуни на Самитот на ЕУ на Заев и официјално да му биде доделен датум за почеток на пристапни преговори на Македонија со Унијата, а на 11 и 12 јули на Самитот во Брисел да следува официјална покана за влез во НАТО. Во септември или октомври, да се одржи референдум за името, потоа македонското Собрание да одобри уставна ревизија по што договорот треба да стигне во грчкиот Парламент на ратификација.
Грчката телевизија „Скај“ вчера објави дека прашањето со ерга омнес и понатаму е разликата во позициите на двете страни.
Портпаролот на грчката Влада Димитрис Ѕанакопулос изрази оптимизам и истакна дека може да се каже дека се наоѓаме во финална линија, но оти никој не може да го предвиди исходот во толку, како што вели, сложени преговори.
– Се надеваме и оптимисти сме дека ќе успееме да го постигнеме договорот на кој работиме веќе толку долго време. Сепак, сакам да сме трпеливи, треба да бидеме трпеливи. И токму тоа го правиме. Не е важно да имаме договор, важно да имаме добар договор- рече Ѕанакопулос.
Алтернативниот грчки министер за надворешни работи Јоргос Катругалос исто така е оптимист за решение, а според него договорот е блиску.
– Се наоѓаме многу блиску до решение, а 100-те метри од патот, за кои говореше премиерот во Софија, сега станаа 50 метри. Но, треба да имаме на ум дека се уште немаме договор- истакна Јоргос Катругалос во интервјуто за грчкото радио.
Опозициската Нова Демократија бара од грчката Влада да не даде однапред зелено светло за интеграција на Скопје во НАТО и ЕУ, а усогласувањето на договорот во иднина да биде на рати
– Нова демократија предупредува владата да не се согласи однапред за каков било договор што ќе му дава на Скопје датум за почеток на преговорите за интеграција во Европската унија и зелено светло за членство во НАТО. Незамисливо е Грција однапред да го предаде преговарачкото оружје што го поседува и да очекува во иднина усогласување на рати од страна на нашата соседна земја- вели портпаролката на партијата, Марија Спираки.
Јоргос Кумуцакос, одговорен за надворешна политика во Нова Демократија потенцира дека решението што ќе се постигне треба да биде добро решение, бидејќи, во спротивно, тие како влада одново ќе преговараат.
Македонскиот министер за надворешни работи Никола Димитров пак порача дека треба да има јасна дистинкција оти стартот на преговори не е исто што и пристапување во ЕУ.
– Ова треба да биде признаено. Има два до три изборни циклуси помеѓу двата настана, а пристапувањето е алатка што е тука да ги помогне реформите. Ако го барате истото ниво на демократска зрелост како онаа што се бара за влез во ЕУ тогаш процесот нема смисла- изјави Димитров.
Поддршка да се најде решение на деценискиот спор било дадено од германска страна на средбата на шефовите на грчката и германската димпломатија Хајко Мас и Никос Коѕијас.
Мас го поздравил развојот на досегашниот тек на преговори и потенцирал дека Берлин со години силно се залага за решение во спорот за името.
Коѕијас информирал дека од вчера експертските работни групи од Македонија, Грција и од Обединетите нации заседаваат во Атина со цел да го доработат рамковниот договор за двајцата премиери.